Европскиот парламент со големо мнозинство изгласа мерка за забрана за користење на пластични производи за еднократна употреба во Европската унија, како што се цевчињата и приборот за јадење.
Мерката беше усвоена со 571 гласа наспроти 53, а 34 парламентарци беа отсутни.
Пратениците ја поддржаа забраната за употреба на пластични прибори за јадење, каде што спаѓаат пластичните чинии, стапчињата за чистење уво, сламките за пиење и пластичните стапчиња за балони. Нацрт-законот за забрана исто така предвидува намалување на употребата на пластиката за еднократна употреба во амбалажите за храна и пијалаци, како што се пластичните чаши.
Поддржувачите велат дека пластиката е извор на загадување од кое се гушат океаните и градовите и дека се потребни декади пред таа да се разгради.
„Ако не преземеме акција, до 2050 година во океаните ќе има повеќе пластика од риби“, кажа еден парламентарец.
Ако мерката биде одобрена од Европската комисија ќе постане закон во државите членки во 2021-ва година. Во мерката исто така се вклучени рокови за редуцирање и рециклирање на други видови пластика, како што се шишиња, конци за ловење риби, пакети за храна.
Одлуката ќе се прошири и на филтрите во цигари, кои прават огромно ѓубре на плажите. Производителите ќе мора да ја намалат пластиката во нив за 50% до 2025, односно за 80% до 2030 година. Друг амбициозен проект предвидува 90% од пластичните шишиња да се рециклираат до 2025 година.
Научниците велат дека речиси 150.000 тони пластика се фрлаат во европските води дневно, кои со помош на струите во водата патуваат на долги растојанија. Штетното влијание на пластиката врз животот во морето предизвикува рибите и големите водни цицачи да умираат поради загадувањето.