Судијата за извршување на санкции го одби барањето на екс премиерот Никола Груевски за одложување на двегодишната затворска казна, објави Кривичниот суд на својот веб портал.
„Заради интерес од повеќе медиуми, како суд ја информираме јавноста дека судија за извршување санкции при Основниот Суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по молба за одлагање на извршување на санкција определена со правосилна пресуда во предметот со КОК бр. 59/17 од обвинителството означен како „Тенк“, донесе решение со кое ја одби молбата. Решението на судија за извршување санкции е испратено на странките во постапката кои имаат право на жалба против ова решение во рок од 3 дена до Кривичниот совет“, стои во објавата на Кривичен.
Сега Груевски откако ќе го добие известувањето има право да поднесе жалба до Кривичниот совет, во рок од три дена, а потоа започнува да тече и рок од три дена за судот да донесе одлука по жалбата. Доколку и тие ја отфрлат неговата жалба, Груевски на 8 ноември ќе мора да влезе во истражниот затвор „Скопје“ каде што треба да ја одлежи казната.
Груевски на правосилна затворска казна од две години беше осуден во предметот на СЈО „Тенк“, односно за набавката на луксузниот мерцедес од 580.000 евра.
За овој случај покрај Груевски на затворски казни се осудени и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Jанкуловска и вработениот во МВР, Ѓоко Поповски.