Заврши верификацијата на мострите за тутун и тие деновиве ќе бидат распределени на откупните пунктови низ Македонија. Годинава се очекува да има околу 22 милиони килограми тутун, за 6 милиони помалку од побарувањата на 9-те откупни фирми. Тутунарите очекуваат просечната цена да не биде пониска од лани, односно 217 денари за килограм. Во спротивно ќе продолжел трендот на опаѓање на тутунопроизводството и покрај зголемените субвенции на државата.
„Тутунот и понатаму ќе опаѓа, младиот свет, младите генерации не го сакаат тутунот. Старосната граница на луѓето кои сега произведуваат е при крај, тие неможат многу понатаму да работат. Ако сакаат и в година да произведуваме и да го зголемиме производството мора да ги зголемат цените“, истакна Данчо Милески, претседател на здружение „Мице Козар“ од Прилеп.
Гоце Јончески, кој има засадено 24 декари и очекува околу 5 тони на тутун вели дека сегашните цени биле прениски.
„Под 240 или 250 денари просек да не биде тутунот за килограм ако сакаат да не мотивираат и да имаме волја за следната година да работиме“, рече Гоце Јончески, тутунопроизводител.
Од Институтот за тутун пак во Прилеп каде се верифицираа мострите истакнаа дека и покрај големата побарувачка, поради лошиот квалитет, не очекувале повисоки цени на тутунот, а на тој став се и од Сојузот на тутунарски здруженија на Македонија.
„Ако има поголема побарувачка се разбира дека и цената може да повисока. Нема да биде повисока од ланскатат реколта, но може да биде повисока од реалната вредност која ја има тутунот“, изјави Проф Д-р Мирослав Димитриески, научен советник при институт за тутун.
„Лани просечната цена беше 217 денари. Така што годинава побарувачката ќе биде поголема и мислам дека ќе бидеме блиску до таа цена“, вели Алија Сали, член на Сојузот на тутунарски здруженија на Македонија.
Годинава има повеќе отворени откупни пунктови и еден откупувач повеќе за разлика од лани.
„Што значи дека условите ќе дадат можност за побрз откуп на произведениот тутун“, рече Алириза Елези, државен советник во Министертсвото за земјоделство.
Засега ниту еден откупувач не потврдил кога точно ќе започне со откуп. Законскиот рок е од 15 ноември до 15 декември.