Од Министерството за правда информираат дека е пристигнато известувањето од Министерството за внатрешни работи дека поранешниот премиер Никола Груевски се наоѓа во Унгарија и во моментов се работи на комплетирање на потребната документација за неговата екстрадиција во Македонија.
Од Министерството за правда велат дека по известувањето од МВР дека Груевски е пребеган во Будимпешта се одбатиле до Кривичниот суд во Скопје, каде што поранешниот премиер беше осуден на затворска казна од две години за случајот „Тенк“, за да ја добијат целокупната документација за случајот.
„Веднаш откако ќе биде комплетирана документација, барањето за екстрадиција ќе биде испратено до надлежните институции во Унгарија“, велат од Министерството.
Груевски во петокот требаше да се јави на издржување на затворската казна во затворот во Шутка, но побегна во Унгарија. Информацијата на неговото заминување во Унгарија тој вчера ја објави на својот Фб профил, а подоцна беше потврдена и од МВР. Во моментов полицијата има распишано меѓународна потерница по него.