Ден на волонтерството – Волонтерзимот шири солидарност и создава покохезивни заедници

Facebook
Twitter
Email
Print

Со организирање конференција за волонтерство под слоганот „Волонтерите градат стабилни заедници“ Црвениот крст на Република Македонија ќе го одбележи 5 Декември – Светскиот ден на волонтерството .

 

„Волонтерите и волонтерството во секоја држава претставуваат огромен човечки потенцијал кој континуирано се мобилизира согласно потребите и поседува релевантно знаење и вештини корисни за заедницата. Вредноста кои тие ја создаваат и вградуваат во своите активности е „бесценета“, бидејќи поседува особен квалитет кој е збогатен со хуманата димензија на добрата волја“, велат од Црвениот крст на Република Македонија.

 

Околку 7.500 волонтери во рамки на Црвениот крст на Република Македонија помагаат во справување со последици од катастрофи, на семејствата во социјален ризик, но се подготвени да се стават на располагање и за други кризни ситуации. Волонтерзимот, велат од Црвениот крст на РМ, помага за создавање покохезивни заедници, но помага и во ширењето солидарност помеѓу луѓето што е добра основа за мобилизирање на населението кога е потребно, односно во ситуации на поголеми катастрофи, кризи, справување со мигранти…

 

„Во нашите редови делуваат околу 7.500 илјади волонтери што е огромен капацитет во спроведувањето на нашите активности на терен. Изминатава година бевме во ситуација да помогнеме на над 20 илјади луѓе погодени од последици од катастрофи, помогнавме на над 10 илјади семејства во социјален ризик, а и во собирањето 55 илјади единици крв“, рече генералниот секретар на Црвениот крст на РМ Саит Саити, на денешната конференција по повод Меѓународниот денот на волонтеризмот 5 Декември.

 

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, смета дека системот на социјална заштита се збогатува со учеството на волонтерите.

 

„Во светот многу социјални и заштитни системи функционираат врз основа на волонтеризам и волонтери затоа што тие го даваат своето време, знаење, посветеност и искуство без паричен надоместок само затоа што сакаат да помогнат. Едно општество без солидарност не може да функционира. Токму затоа сметам дека волонтерството како алка во целиот систем е многу важно“, рече Царовска.

 

Таа смета дека треба да има што повеќе граѓани кои сакаат своето слободно време, искуство и знаење да го споделат со цел унапредување на квалитетот на живеење на оние кои, како што рече, се поранливи или денеска не можат, но, можеби утре ќе можат и тие да помогнат некому во нашето општество.

 

Волонтерството се заснова на принципот на доброволност, дејствување во корист на други лица без финансиски надомест. Како начин на дејствување има општествена и индивидуална полза. Волонтерството помага при градењето кохезивни (сплотени / тесноповрзани) заедници,  при што се создава поголема доверба меѓу граѓаните и развива норми на солидарност и реципроцитет, кои се неопходни за една стабилна заедница. Преку волонтирање, по завршување на образованието на една индивидуа се отвора можност за запознавање нови луѓе, интензивна комуникација и создавање на активен пристап кон животот. Волонтерството како модел на функционирање во рамки на општеството создава национална солидарност и во време на неповолни услови каде попросперитетните групи најчесто се жртвуваат за доброто на оние кои имаат потреба.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи