Лебот поскапува за три денари

Facebook
Twitter
Email
Print

Поскапуваат лебот и белите пецива. Во просек една векна леб ќе поскапи за околу два до три денари, вели Горан Малишиќ претседател на групација на мелничко – пекарската индустрија.

 

Оваа одлука за зголемување на  цената на основниот прехранбен производ е со образложение дека за 40 отсто е поскапено брашното кое се користи во индустријата. Годинава, жетвата на жито била многу лоша, а родот катастрофален. Мелничарите велат дека сега е потребно да се увезува поквалитетна пченица од Србија.

 

„Основната суровина за производство на леб и печива е зголемена, во последнава година како што знаете покачена е и нафтата. Пекарите се соочуваат и со други проблеми, недостасуваат работници. Сè помалку работници сакаат да работат во пекарството и нормално им се зголемени платите. Ова покачување од мелничко пекарската индустрија би било од 10 до 20 отсто за да се покријат загубите кои ги претрпуваме“, рече Горан Малишиќ, претседател на мелничко-пекарско здружение при СКМ.

 

Од Министерството за земјоделство велат дека не биле навремено информирани за покачувањето на цената на лебот од страна на мелничко-пекарската индустрија.

 

„Како ресорно министерство ќе ја следиме состојбата и доколку дојде до драстично зголемување на цените што би влијаело врз поскапување на животниот стандард, постои можност да интервенираме преку Агенцијата за стокови резерви којашто во ек на жетвата направи јавна набавка од 13 илјади тони пченица“, соопштија од министерство.

 

Извозот на брашно кон Косово е минимално зголемен, но тоа не е клучната причина за растот на цената на финалниот производ тврдат од  Групацијата на мелничари и пекари. Оваа корекција на цената на лебот и печивата доаѓа по пауза од нешто помалку од десет години. Очекувањата се дека на удар од ова ново поскапување ќе бидат сиромашните повеќечлени семејства кои од месечниот семеен буџет трошат повеќе пари за набавка на леб.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи