Градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски, претседателот на Советот Миле Талевски, директорите на јавните претпријатија и раководителите на сите сектори и општински одделенија на средба со претставниците на урбаните и месни заедници, разговараат за инфраструктурните приоритети на жителите од сите населби во градот и населените места.
Изградба, тампонирање, асфалтирање на улиците, изградба на канализација, обезбедување дополнителни количества вода за пиење во одделни населени места, подобрување на квалитетот на уличното осветлување се само дел од проблемите со кои се соочија граѓаните, а за што побараа интервенции од Општина Прилеп.
Најголем дел од овие проблеми според изјавите на претставниците на урбаните и месни заедници се пролонгираат со години.
Градоначалникот Илија Јованоски на присутните претставници на граѓаните од сите делови во градот и околните населени места им порача дека нивните приоритети ќе бидат разгледани од стручните тимови во Општината. Како што рече, дел од овие барања, поточно најакутните проблеми, најитните барања ќе бидат вградени во новиот буџет за 2019 година, а проблемите решени следната година.
„Целта на состанокот беше граѓаните да ги кажат своите проблеми, идеи, забелешки за сè она што треба да го направиме како Општина во наредниот период. Во буџетот што треба да го креираме за 2019г., а ќе биде донесен на седницата на Советот на 26 овој месец, ќе бидат вградени и дел од овие приоритети на жителите на урбаните и месни заедници. Во секоја урбана и месна заедница се одржаа состаноци, на коишто примарно жителите ги дефинираа, определија своите приоритети. Тие беа пренесени на денешната средба, a треба писмено да ги достават до Општина Прилеп. Ние тие приоритети треба да ги реализираме наредната година. Приоритетите на жителите се многу, тие не може веднаш и во текот на една година да се реализираат, но откако ќе ги определиме најважните, најпотребните ќе влезат во буџетот за 2019 година. Ова е само еден почеток на решавањето на инфрастурните проблеми и сè она што ги тишти граѓаните на овие месни и урбани заедници. Но, сето тоа ќе биде реализирано и во наредните години, како што им ветив на граѓаните и порано“, рече градоначалникот Јованоски.