Бранителите во Прилеп денеска одржаа протест на кој што побараа како што велат итно запирање на обезличувањето на македонскиот народ и македонската држава и уништувањето на македонскиот идентитет. Порачаа дека тие како бранители имале право и должност да знаат што се случува во моментов со Македонија и каде се движи таа. Повикаа на масовни протести за зачувување на името и државата.
„Бранителите имаат право и должност да ја знаат судбината на Македонија. Овој народ позади мене сите имаат крвавено 2001 година. А денес застануваат бранителите на денешна Македонија, секој искрен човек е бранител на државата. Затоа ги повикуваме сите што искрено ја сакаат Македонија што имаат искрени чувства кон Македонија да излезат и да се придружат на овие големи и масовни протести за одбрана на Македонија и македонскиот идентитет. Ова е само мал знак, сакаме да кажеме дека 2001 година се гинеше и ја одбранивме Македонија. Го зачувавме територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија, а денес без капка крв сака да ја продаде Македонија. Протестиираме против обезличувањето на македонскиот народ и македонската држава и уништувањето на македонскиот идентитет“, истакна Гоце Стефановски, бранител.