ВИДЕО – Викендов новата премиера на прилепскиот театар „Авантурите на Пинокио“

Во сабота во 13 часот и недела во 12 часот ќе се одржат предпремиерата и премиерата на новата претстава на прилепскиот театар „Авантурите на Пинокио“, од Карло Колоди, а во режија на Дарко Ковачовски. Ова е трета премииера на „Војдан Чернодрински“ за оваа година. Главната улога на Пинокио ја толкува Јасмина Мицовска Станкоска. Според неа во оваа претстава е вклучена работата со кукли, која е доста специфичен медиум.

 

 

„Ова ми е втора соработка со режисерот Дарко Ковачески и многу ми е мило затоа што тој имаше доверба да ми додели еден ваков лик, во една претстава која што на сите ни е позната, со која што сме растеле ние и растат нашите деца. Ова е малку поспецифичен медиум, на кој што ние, актерите, драмските актери не сме навикнати, а тоа е работа со кукли. Работата со кукли е малку поспецифична, тешка морам да признаам, но не и невозможна. Од едно дрвено парче со 10 конци, да му се даде срце и да прооди, да прозборува, да профункционира во целата претстава, заедно со другите ликови кои имаат прекрасни маски и имаат прекрасен стил на игра. Како што би рекол режисерот Дарко, оваа претстава е за едно мало детенце, кое што има дрвено срце и кое сака срцето да му стане вистинско. Во разни прилики и неприлики во текот на претставата тоа се соочува со нови искуства кои ги учи, некои добри, некои лоши, но на крајот на претставата тоа осознава дека не е важно да бидеш дел од тој глобален свет, важно е да имаш душа, да разликуваш што е добро, што е лошо. Мислам дека ние тоа успеавме да го прикажеме во оваа престава и дека сите деца, па и не само децата, туку и возрасните ќе уживаат додека ја гледаат“, истакна Јасмина Мицовска Станкоска, актер.

 

 

Актерката Даниела Иваноска која ја толкува улогата на штурецот Моцарел истакна дека доста сериозно имале пристапено кон подготовките на претставата, без нити грам потценување дека се работи за детска претстава, затоа што работата со кукли била и не така лесна работа.

 

„Главниот лик Пинокио е кукла и го води колешката Јасмина, додека другите ликови ги толкуваме ние, живите актери, но со прекрасни маски и костими. Ова е моја прва соработка со Дарко, како што напомена Јасмина, другиот дел од екипата имале соработка со него, ова е нивна втора соработка, и морам искрено да кажам дека сум пресреќна што бев дел од еден ваков проект и што имав можност да работам со режисер кој се занимава исклучиво само со куклен театар, односно театар наменет за децата, но и возрасните. Тоа е материја која нам актерите не ни е позната, бидејќи немаме образование за ваков тип на театар, но би било интересно да се каже, барем за мене, е дека сознанието кое го добив, односно сето она што важи за театарот за возрасните, односно вечерните претстави, важи и во овој тип на претстави. Не е за потценување, не значи дека младата, или публика која ги сочинува децата треба да ги залажеме, да ги насмееме, туку напротив, сериозно се пристапува на една ваква материја, за да изнудиме насмевки кај дечињата. Имавме супер процес, комуникација беспрекорна, се надевам дека сите ќе уживаат, не само децата, туку и возрасните и би напоменала дека оваа претстава е работена според оригиналот на авторот Карло Колодиј, значи не е верзија која сме навикнале да ја гледаме од дизниевите цртани. Така да ќе видете и нешто поразлично, нешто што нема да го очекувате, бидејќи сте навикнале да го гледате или слушате од цртаните на Дизни. Со чисто срце ве поканувам заедно да уживате, да се дружите и да бидете дел од авантурите на Пинокио“, рече актерката Даниела Иваноска.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи