Над 20.000 домашните работници во Македонија не се доволно заштитени според Законот за безбедност и здравје при работа и нивната работа не е доволно прецизирана во Законот за работни односи. Тие воопшто не се евидентирани во системот и влегуваат во делот на т.н. сива економија. Немаат никаква заштита во однос на пензиско и инвалидско осигурување. Неат Усеиноски од Прилеп се 6 члено семејство, никој не бил вработен. Од 2009 година работи со машина за сечење на дрва, но и други домашни активности каде ќе биде повикан. Вели дека овој начин на живот бил премногу тежок.
„ Работиме денес за утре. Ако најдеме работа ќе има денес да купиме да пазариме за дома јадење за децата, ако не нема. Еден ден работиме, три дена нема работа. Кај да одиме и сами не знаеме. На сите страни сме растрчани, не само со машиниве што работиме, тоа ако има за сечење ќе одиме, ако дојде некој да не викне, ако не нема. Останати сме, едноставно заборавени од страна на државата. Се ветуваше брда и долини, живот во Прилеп, живот во Македонија, за жал тоа го нема никаде“, рече Усеиноски.
Живееле во страшна сиромаштија, со извршители кои секој ден им тропаат на врата. Неможел повеќе да го издржи притисокот на секојдневните проблеми.
„Премногу е тешко вака. Ние немаме дома ни леб да купиме да јадиме, а камоли да плаќаме струја, вода, комуналец и ред други работи. А од друга страна имаме заостанати долгови, за 1.000 – 2.000 денари извршител пуштаат и бара 20 – 30.000 денари. Кај да му ги најдеме тие пари на тој извршител“, додаде Усеиноски.
Се плаши дека ако продолжи вака нема да успее да добие ниту пензија. Се надева дека државата ќе најде начин за домашните работници како него да ги внесе и нив во системот.
„Многу убаво би било за сите нас, особено ние што не сме во евиденција. Тоа ќе биде добредојдено, инаку тешко. Чичко ми цел живот работеше како мајстор и на крајот нема ни пензија ни ништо, социјално зема од 1.500 денари и тоа е се. А со 1.500 денари ти не можеш да поминеш еден цел месец“, рече Усеиноски.
Неговата судбина ја делат голем број луѓе во Прилеп. Некои не сакаат јавно да се знае дека чуваат стари лица или дека аргатат по полето. Една од нив е и оваа жена чиј идентитет го заштитивме.
„Јас речиси 8 години се занимавам со помагање на стари лица, готвење, гледање, чистење, сето тоа. Им помагам, бидејќи немав пари, немав финансии. Морав да се одлучам на тоа. Друга работа немам, само чувам стари лица, чистам по куќи, одам и на тутун како аргат, значи морам да извадам пари за опстанок. Немам регуларна работа со осигурување, немам ништо“, кажа прилепчанката.
И оваа прилепчанка се согласува дека домашните работници треба да почнат да бидат осигурувани и внесени во системот.
„Ќе си имам и стаж, за да имам пензија некогаш. Старост иди, мора. Лекарства ни требаат пред се“, додаде прилепчанката.
За регулирање на домашните работници се застапуваат и од здружението за заштита на жените „Китка“ од Прилеп кои работеле на сличен проект за помагање и чување на стари и изнемоштени лица „Насмевка на надежта“, финансиран од Владата, а бил предложен од нивна страна кога биле т.н. Денови на идеи. Но не успеале да се изборат истиот да продолжи и тие жени кои биле вклучени во проектот да бидат осигурени.
„Има полно невработени, цепат дрва, одат по куќи, чистат, но никаде не се пријавени, па ни нешто добиваат. Нешто ако домаќинот или газдата им одреди некоја сума, но таа е минимална и со таа тие не можат да егзистираат. Друго е кога ќе им течи работниот стаж, друго е кога нешто е легализирано. Вака веќе се појавува нешто неубаво, затоа што преминува во нешто непријатно, затоа што тука е криминалот. Едноставно тие се експлоатирани граѓани, без никаков надоместок, ќе те викне денес, ќе работиш, а ни стаж ни ништо. И што си направил, ништо. Апелирам до сите, до Влада на Република Македонија, нека вистински ова го земат како проблем. Има полно стечајци, невработени, што не земаат ни денар, а се многу бедни“, изјав Магдалена Матракоска, здружение на жени „Китка“-Прилеп.
Според искуството кое им го пренесувале сестринските здруженија од земјите членки на ЕУ, домашните работници таму биле во значителна мера регулирана.
„Таму нема невработен, односно ако денес те викне на работа, тој мора да те пријави, мора да ти плати соодветно толку колку што заслужуваш, нормално према струката, образованието, према работата што ќе ја работиш. Но нема без пари, ќе бидеш награден и ќе бидеш презадоволен. Значи ти не стравуваш дали ќе имаш леб да јадеш, имаш. И стаж му течи, и пари ќе земи и кога ќе се врати дома ќе им однесе на фамилијата“, додаде Матракоска.
Синдикалците велат дека овој проблем може да се реши само со прецизна законска регулатива, но и со вистинска одлучност на државата да го реши проблемот. Затоа што барем засега државата на еден начин како преќутно да го дозволува овој дел од сиивата економија. Исто така според ССМ сите работници во Македонија треба да бидат опфатени со колективни договори.
„Државата од своја страна треба да го спроведи законот кој треба да се донеси, со кој ќе се регулираат овие односи, во смисла да се имплементира со инспекциски надзор, со контроли на работата на овие работници, со цел да бидат опфатени во реален сектор. Од друга страна и работниците кои се во сивата зона, практично треба да бараат да имаат регулиран работен однос. Значи сега секторот на услуги, во трговијата, итн., тие работници треба да бараат работодавачите кои ги ангажираат, да со нив склучат соодветни договори. Ако склучат соодветни договори, тогаш тоа е веќе реална работа, тие подлежат на сите законски регулативи, подлежат да према нив бидат применети законите, да можат да ги остваруваат правата од работен однос, да бидат пензиско и социјално осигурани“, кажа Лазе Ангелески, поранешен претседател на ССМ Прилеп.
За решавање на овој проблем Здружението „Достоинствен работник“ од Прилеп во партнерство со „Гласен текстилец“ од Штип го спроведуваат проектот „Подобрување на работните услови на домашните работници во локалните заедници Прилеп и Штип“, кој што е финасиран од Фондацијата отворено општество.
„Домашниот работник, со нивното вклучување во системот добиваат заштита, пензиско и инвалидско осигурување, како и останатите работници во другите дејности. Но исто така тука има и заштита од самата држава, затоа што Законот за работни односи е дел од Министерството за труд и социјална политика, кои го регулираат и донапредуваат, така што секој оној домашен работник кој ќе биде пријавен, ја добива целосно поддршката, а и со тоа има право и да се организираат и во синдикат, што е многу важно за остварување на нивните интереси и права. Доколку не бидат внесени во тој процес, тие губат многу. Значи покрај тоа што сите знаеме дека во Македонија имаме работници кои работат нормално по 8 часа, но сепак по завршувањето на своето работно време имаат и друга дејност. Таа дејност може да биде во делот на домашните работници, но сепак во друга гранка која не е евидентирана и тоа се смета во полето на сивата економија. Македонија мора да ги има понатаму и со зачленувањето во ЕУ, мора да мисли на овие работници, затоа што преку формирање на Агенции за привремени вработувања кои ќе даваат услуги на оној кој сака да има домашен работник во своето семејство, да може преку агенцијата да добие услуга, а со тоа значи агенцијата на оној кој ја побарува услугата да му наплати, а со тоа нормално фактички се заштитува домашниот работник, а и им течи здравствено и пензиско осигурување“, потенцираше Рубин Аризанкоски, здружение „Достоиинствен работник“.
Во Прилеп се одржа обука токму на оваа тема за поголема едукација за лицата кои се даватели на овие услуги. Според експертите токму едукацијата и свесноста за постоењето на законската регулатива се едни од начините како да се регулира оваа сива зона.
„Значи законската легислатива е јасна. Законот за работни односи нуди опција за потпишување на договори со куќните помошници, така да едноставно можеби треба да работиме на полето на поголема информираност на сите вклучени страни. Лицата кои се нудат на пазарот на трудот во оваа форма, но и лицата кои ги ангажираат. Постои таква законска обврска и можност да го регулираат тоа преку потпишување на договори за работа, во кои точно се нотира дали тоа ќе бидат со форма на сместување, храна итн. Ги имаме и надзорните органи во државата, значи Трудова инспекција, Инспекција за работни односи и за безбедност и здравје при работа, кои имаат свои надлежности да вршат надзор над истото. Тука секако е и невладиниот сектор, затоа мислам дека свеста треба да се подигне на повисоко ниво, и кај лицата што ги нудат овие услуги, бидејќи ако секогаш одиме на принципот дека ти ако не сакаш ќе прифати некој друг, затоа говорам за свесност за почитување на правата кои следуваат при извршување на работните задачи“, изјави Снежана Јанкова Петкоска, стручно лице за безбедност при работа.
Од Министерстовото за труд и социјална политика писмено ни одговорија само тоа дека во подготовка бил нов закон за работни односи каде ќе се уредело и прашањето на домашните работници, односно склучувањето на договор за вработување на домашните работници. Но не прецизираа никакви други детали.
Дали конечно државата ќе ги реши проблемите со кои секој ден се соочуваат луѓето како Усеиноски, останува да видиме во периодот кој следува. Во спротивно голем дел од овие луѓе можеби до крајот на својот работен век ќе бидат дел од сивата економија во државава.