Улогата на жената земјоделец во македонскиот аграр е огромна. Иако првата слика која што ја имаме за земјоделството е маж качен на трактор сепак според некои статистики дури 60 % од земјоделските работи ги извршуваат токму жените. Слободно може да се каже дека руралната жена е столбот и на фамилијата, но и на фамилијарниот бизнис. Една од овие жени земјоделки е Елизабета Ристеска од Прилеп. Ристеска земјоделските работи ги извршува заедно со својата сестра, мајка и татко. Сточарството и тутунопроизводството им се основна дејност.
„Од друга страна, жената земјоделка се соочува со недоволна едукација, неплатена работа, на некој начин е и дискриминирана во тој поглед и многу мал процент од жените земјоделки имаат семејни земјоделски стопанства, кои се на свое име, во своја сопственост“, рече Елизабета Ристеска, земјоделка.
Освен што е потценета во однос на работата во земјоделството, жената земјоделка исто така не е едуцирана и околу тоа како треба да се заштитува кога работи. Ристеска признава дека не се заштитуваат доволно кога работат на фарма или на нива, а недоволната имплементација на законот бил можеби во недоволните приходи кои ги остварувале.
„Имајќи во предвид дека македонското сточарство не е во голема мера развиено, македонските фарми не се толку современи, можам да кажам дека Законот за безбедност при работа се почитува можеби делумно, во некои делови. Конкретно кај нас, се почитува во делот на заштита на животните, редовно се проверува крв, редовно се третираат со вакцини. Во другиот дел, самите ние земјоделци не обрнуваме многу внимание во делот на безбедност пр работа, имајќи во предвид дека станува збор за не толку современи фарми и не толку модернизирани, на некој начин тука се поврзува со продуктивноста на самите фарми и сето тоа економски влијае до одреден степен на примената на тој закон. Сепак дополнителни трошоци, дополнителни средства кои самиот земјоделец, или ние како жени земјоделки во некои случаеви не можеме да си го дозволиме сето тоа“, додаде Ристеска.
Елизабета Ристеска, земјоделка
Блага Јанческа од прилепското село Беровци исто како и Ристеска веќе 20 години се занимава со сточарство. Од млекото произведува сирење и го продава на прилепскиот пазар.
„Жената сите работи ги работи, и машки и женски, и дома и в поле. Кога не се тука мажите молзиме, средуваме, се. Синот е млад земјоделец, има комбајни, снаата со внуците тутун сади, сите сме како мала задруга“, вели Блага Јанческа, земјоделка.
Во однос на заштитата при работа вели дека прават редовни контроли и вакцинации на стоката и одржуваат беспрекорна хигиена во шталата.
„Редовна контрола на стоката. Досега чувал Господ, ни стоката ни ние. Штала имаме од помодерните, не е онаа штала што била во времето. Со боксови, со вода, цементирано, варосано, како соба. Редовни прегледи, вакцини, сите работи што треба. Можам да речам дека повеќе од нас ги прегледуваме кравите“, кажа Јанческа.
Блага Јанческа, земјоделка
Веднаш до сирниот или млечен пазар во Прилеп веќе 45 години секоја среда и сабота доаѓа Илинка Кузевска од битолското село Бистрица и продава буковска пипер и обична црвена пипер за готвење.
„Многу тешко е за жената. Кога не ми беше снаата земена, морав на вечер да зготвам јадење, за утрото кога ќе бериме јаболка да биде готово јадењето. Мажите ќе седат, јас си готвев, нема кој друг да зготви. Се снајдуваме, мачно е, Бистрица многу има работа за жената, премногу. Па и со пиперот ни иди работа, во исто време со јаболкото кога го бериме. Некогаш и на вечер полниме вреќи, со цел да не скапи пиперот“, изјави
.
Освен со производство на пипер произведувале и големи количини на јаболка. Вели дека немааат посебни мерки за заштита при работата затоа што според неа производите биле чисти и еколошки и немало потреба од тоа.
„Нема потреба да се заштитиме од хемијата. Син ми става маска и толку, ништо друго. Нема што да се заштитам, не е тоа толку штетно. Тоа јас ќе го забришам јаболкото, го гледам убаво и јадам. Нема ништо, еве веќе 45 години се занимаваме со јаболка. Прашина голема има кога ја правиме пиперта. Вчера го припремивме, за во понеделник Пепелиште да го носи мажот ми заради квалитетот, сака тој да е убаво мелено, квалитетна, да е многу убава. Во Бистрица нема да ја сомели вака како што ја мелат тие, на три камења, а овде на два камења во Бистрица ја вртат, затоа одат во Пепелиште кај Неготино. Има многу прашина, врзуваме шарпа и ќе ја сомелиме крупно. Потоа ќе ја поминат уште еднаш на чекичар за да биде средно, со цел каменот да ја врти два за побрзо да се вратат, да ја сомелат што побрзо“, додава Кузеска.
Илинка Кузевска, земјоделка
Тутунопроизводството е главната земјоделска дејност во Прилеп. Семејството на Велика Нацеска садат 30 декари од оваа култура. Вели дека тутунот е многу тежок за садење и одгледување, но сите жени кои таа ги познавала во Прилеп истиот го обработувале.
„Жениве одат и работат, и дома и на нива. Јас кај што живеам нема жена што седи дома, одат и на нива и дома работат. Ретки се тие што одат на работа и што не работат дополнителни дејности“, рече Велика Нацеска, земјоделка.
И Нацевска вели дека немаат некои посебни мерки за заштита кога работат.
„Нема како да се заштитиш, од сонце можеш да се заштитиш, или ако ти студи. Со ракавици бериме, инаку друго не, со маски не. Само од сонце со капи и со ракавици сите берат, другото не. Само за трева го прскаме, инаку не го прскаме, ниту фрламе ѓубриво“, истакна Нацеска.
Велика Нацеска, земјоделка
Од организацијата „Рурална коалиција“ правеле испитување на одреден број жени со кое дошле до фрапантен податок дека дури 70% од испитаничките воопшто немаат познавање од законската регулатива. Токму поради тоа растел и бројот на жени заболени од малигни заболувања.
„ Целосно се оставени самите на себе, врз основа на она производство или онаа работа која ја познаваат со децении наназад. Отсуствува воведувањето на било какви нови или иновативни технологии, или било какви мерки при заштита и на нивното здравје, и секако заштита при работата на поле, на нива, во домот. Енормно расте и бројот на жени кои што се меѓу другото заболени од малигни заболувања, меѓутоа за најголем број случаи кога станува збор за повреди кои што се направени во текот на работата, исто така напоменав дека се доста оддалечени од амбуланти, лекари и не се ни евидентираат, затоа што ако се помали повредите се санираат во домот. Верувајте нема ни точен податок или бројка со која може да се излезе и точно да се одговори колкав е тој процент на тие повреди и какви се последиците од тоа што го претрпуваат во нивното секојдневно живеење и секојдневната работа во поле“, потенцираше Лилјана Јоноски, „Рурална Коалиција“.
Лилјана Јоноски, „Рурална Коалиција“
Според експертите за да се зголеми заштитата на жените потребна е поголема соработка помеѓу институциите, едукација и исто така родовата рамноправност да биде составен дел од сите политики како на локално така и на национално ниво. Со тоа ќе се придонесе за многу поголема инклузија на жените во општеството.