Моментално Зоо-Скопје работи на проект за Дино парк. Станува збор за авантуристичка атракција со 50 диносауруси во природна големина кои испуштаат крици и се движат и кој би бил во рамките на Зоолошка градина.
Паркот ќе се наоѓа кај стариот влез на Зоолошката градина и ќе зафаќа површина од околу 3.000 квадратни метри. Со градежни работи за уредување на просторот ќе се започне од февруари, а кон почетокот на мај паркот треба да биде отворен. Диносаурусите ќе бидат набавени од Кина.
„Ќе имаме различни видови диносауруси, кои ќе се движат и ќе испуштаат звуци. Ќе бидат поставени и информативни табли, така што покрај за забава, Дино паркот ќе има и едукативен карактер“, изјави Тина Мицковска, портпаролката на Зоолошка градина Скопје.
Моментално течат преговорите околу изведбата на паркот, како и со потенцијални спонзори кои ќе го потпомогнат проектот.
Вакви слични тематски Јура паркови има во големите светски и европски метрополи. Во наша близина ги има во Белград и на Златибор – соседна Србија, како и во Словенија.