Средба на градоначалникот Јованоски со победниците на конкурсот за идејно решение за театарска зграда

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски денеска во својот кабинет оствари средба со Илија Мирчески и Синиша Павловски, автори на првонаграденото решение на конкурсот за избор на идејно решение за новата зграда на театарот „Војдан Чернодрински“, како и со Стефан Станкоски кој заедно со Викторија Митеска, беа второнаградени на објавениот конкурс.

 

Честитајќи им на прекрасното архитектонско решение, градоначалникот Јованоски рече дека со направениот избор започнуваат конкретните активности за реализација на капиталниот проект за изградба на новата театарска зграда, која беше ветена во неговата изборна програма.

 

 

„Она што го ветив во мојата програма, дека за време на мојот мандат Прилеп ќе добие новa театарска зграда, ќе го исполнам. Среќен сум што авторите на победничкото решение на конкурсот, Илија Мирчески и Синиша Павловски од „СПИМ Студио“, изработија еден ваков прекрасен проект кој ќе биде гордост на нашиот град. Заедно со Министерството за култура и ЈП за ПУП, Општина Прилеп од денеска и официјално ги презема сите неопходни чекори за реализација на проектот, што значи дека до крајот на 2021 година, театарот „Војдан Чернодрински“ ќе добие нов, современ и функционален објект“, изјави градоначалникот Јованоски.

 

Авторите на првонаграденото решение, Мирчески и Павловски го искажаа своето задоволство од остварената соработка со Општина Прилеп, односно од укажаната доверба со направениот избор на распишаниот конкурс. Тие, како што рекоа, се ставаат целосно во функција на понатамошна реализација на проектот, се’ до целосното завршување на објектот.

Она што понатаму следува, е изработка на основниот проект, кој ќе доведе до фаза на добивање одобрение за градба врз база на урбанистичкиот план кој се работи во моментов. Паралелно со тоа, ќе се работи и посебен проект за организирање на градилиштето, од причина што се работи за специфична локација која е во строгиот центар на градот. За таа намена ќе се врши комплетна реконструкција на улицата зад ЦК „Марко Цепенков“, чие изведување е неопходно за непречено функционирање на новата зграда на театарот „Војдан Чернодрински“.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи