Српскиот министер за трговија Расим Љајиќ поднесе пријава против себе до Јавното обвинителство за организиран криминал во Белград, откако лидерот на опозициската Српска радикална партија (СРС), Воислав Шешељ го обвини дека е „шеф на нарко картел“.
Љајиќ во изјава за белградскиот весник „Блиц“ нагласи дека решил самиот да си поднесе пријава против себе, бидејќи „му е доста да трпи клевети на негова сметка“.
Според „Блиц“, бидејќи никој од надлежните органи не реагирал на обвинувањата на Шешељ, а ниту самиот лидер на радиклаите не поднел никаква пријава, Љајиќ отишол во Обвинителството за организиран криминал и побрал да бидат истражени сите обвинувања против него.
Шешељ во обраќање во срспкото Собрание го обвини Љајиќ дека е „шеф на еден од најголемите нарко картели“ и дека полицијата има оперативни сознанија против него во врска со ваквите активности.
Обвинувањата против српскиот министер за трговија, Шешељ ги повтори во неколку наврати, а ги наведува и во неговата книга „Новопазарскиот крал на херонот Расим Љајиќ“.