ЛАГ Агро Лидер во соработка со медиумите Инфо Компас и Зелена Берза, одржа дводневна обука за граѓански новинари од пелагонискиот регион. Граѓанското новинарсто е одлична можност за мотивирање на граѓаните да бидат иницијатори на промени преку информирање за проблемите со кои се соочуваат на локално ниво. Меѓутоа во време на технологија кога постојано сме опкружени со различни медиуми и можности за пласирање на информации, граѓаните треба да се едуцираат и да ги подобрат нивните вештини за препознавање и справување со приливот на ралични информации.
Медиумската писменост овозможува етички пристап на секој кој сака активно да учествува во општествениот живот преку медиумите и достапните информатички технологии, и нејзината промоција и примена може да даде значаен придонес за пласирање на квалитетни вести и информации.
Локалната Акциона Група Агро Лидер која активно делува во полето на руралниот развој во досегашното активно делување идентификува дека не постои системско и континуирано промовирање на руралниот развој како сложено прашање кое опфаќа социјална, образовна, еколошка и здравствена тема, вклучувајќи и маргинализираните групи, а кое треба да биде важен фактор за надминување на негативната перцепција на новинарските професионалци и медиуми.
„Свесни за моменталната ситуација во новинарството и неможноста на професионалните медиуми и новинари континуирано да ги следат предизвиците со кои се соочуваат граѓаните на локално ниво, неопходно е мотивирање на граѓаните преку потикнување на медиумската писменост да станат активни актери во промирање на новинарството како битен елемент во градење на едно демократско општество. Во соработка со порталот Инфо Компас и пишаниот медиум Зелена Берза, ЛАГ Агро Лидер започна иницијатива за Промовирање на медиумска писменост и граѓански активизам во руралните средини со поддршка на Македонскиот Институт за Медиуми. Во рамките на оваа иницијатива на 2ри и 3ти Февруари 2019год. се одржа обука за граѓанско новинарство каде граѓани од општините Долнени, Крушево, Могила, Новаци и Прилеп имаа можност да се здобијат со знаење и вештини за да бидат активни промотори на своите заедници преку етичко и ефективно споделување на информации“, велат од ЛАГ Агро Лидер.
Според Дарко Штаргоски од Инфо Компас, еден од предавачите на оваа обука, еден од столбовите на демократијата во новото модерно општество претставува токму граѓанското новинарство.
„Граѓанското новинарство се појавува во оној момент кога за жал граѓаните ја губат довербата во професионалното новинарство. Тоа се случува од две причини, односно нецелосната доверба во изнесените информации на професионалните новинари и се помалата застапеност на „малиот човек“ и неговите секојдневни проблеми во медиумскиот простор. Токму граѓанските новинари се тие кои што преку социјалните мрежи и интернет просторот се занимаваат со секојдневните проблеми во општеството и на истите им овозможуват да го видат светлото на денот. И професионалните новинари и медиумите треба да се трудат „малиот човек“ да го вратат повторно во центарот на вниманието. Граѓанското новинарство и професионалното новинарство во иднина треба да имаат многу поголема соработка, со цел подобрување на средината во која живееме, што воедно ќе доведе до зајакнување на демократските капацитети на општеството“ рече Штаргоски.
Во наредниот период ЛАГ Агро Лидер активно ќе работи на зајакнување на поддршката на граѓанското новинарство во руралните средини и ги охрабрува сите кои се заинтересирани да бидат дел од оваа иницијатива, во соработка со медиумите, заедно да делуваат во известување на промените и предизвиците со кои се соочуваат, и да бидат иницијатори на промените кои сакаат да ги видат во нашите заедници.
Оваа вест. е поддржана преку проектот „ Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести “, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Институтот за медиуми и различности од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржините во веста се единствена одговорност на авторот и на ЛАГ Агро Лидер, и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.