Во Мој термин се воведуваат два нови упати „Итен 24“ и „Упат без термин“

Facebook
Twitter
Email
Print

Министерството за здравство соопшти дека со Управата за електронско здравство воведуваат новини во националниот систем Мојтермин, со цел подобрување на здравствената евиденција и поедноставување на работата на здравствените работници, но пред се заради оптимизација на процесот на упатување на пациентите и побрзо добивање на услугата која им е потребна.

 

Најзначајната новина, што се воведува се два нови упати, од кои првиот тип е „Итен 24“, кој ќе се издава доколку лекарот кој врши преглед утврди дека пациентот заради неговата состојба (животозагрозувачка/итна состојба) е неопходно да биде прегледан од специјалист, односно супспецијалист или да му биде извршена одредена дијагностичка процедура во рок од 24 часа.

 

Вториот тип на упат се нарекува „Упат без термин“ и се користи во случај кога пациентот има потреба од преглед, поврзан со остварување одредено право и прегледот треба да се изврши во следните седум дена. Овој тип на упат ќе се користи доколку во установата каде се упатува пациентот не постои слободен термин во следните седум дена за т.н. регуларен преглед.

 

Имено, упатот без термин нема да се користи за прв преглед, туку за остварување права и обврски на осигурениците од задолжително здравствено осигурување и тоа за: препорака за боледување, препорака за користење хронична терапија и издавање ортопедски помагала, остварување право на БПО, остварување други права за кои е потребно мислење од специјалист/супспецијалист/ конзилиум на лекари и преглед/аплицирање терапија, која поради здравствената состојба треба да се изврши во рок од 24/48/72 часа

 

Во делот на болничко работење се воведува нова мерка, со која отпусното писмо задолжително ќе се издава на денот на испишување на пациентот од болница, а најдоцна во рок од 24 часа. Доколку за пациентот се чека хистопатолошки наод се издава отпусно писмо со работна дијагноза, а по добивање на резултатите и отпусно писмо со конечна дијагноза, стои во соопштението од Министерството за здравство.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи