Авион на компанијата „Вирџин Атлантик“ на лет од Лос Анџелес до Лондон достигна брзина од неверојатни 1.289 километри на час во понеделникот навечер, летајќи над Пенсилванија, а со помош на силните ветрови.
„Никогаш не сум видел нешто слично во целата моја кариера“, напишал на својот твитер-профил Питер Џејмс, капетанот на патничкиот авион, а пренесе „Вашингтон пост“.
Сепак, самиот „дримлајнер“ не летал навистина побрзо од звукот, односно не ја пробил „звучната бариера“, бидејќи бил помогнат од силните ветрови. Вообичаената брзина на авионот „боинг 787-9“ е околу 900 километри на час.
Благодарение на помошта од мајката природа, летот пристигнал во Лондон 48 минути порано од предвиденото и летал побрзо од звукот, пренесе вашингтонскиот весник.
Минатиот февруари уште еден Boeing 787 достигна брзина од 1.285 км/ч над Атлантикот и стигна од Њујорк до Лондон за нешто повеќе од пет часа.
Рекордот во брзина, а воедно и време за прелетување на океанот, го држи авион на Конкорд. Овој легендарен суперсоничен авион во 1996 година постигна брзина од 2.172 км/ч и летот од Њујорк до Лондон го заврши за само 2 часа, 52 минути и 59 секунди.