Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ги нарече дезинформации и шпекулации информациите во јавноста и на социјалните мрежи во врска со исчезнатите лица во земјава, за наводни киднапери и за наводна препродажба на човечки органи.
„Ниту има случаи на киднапирања, ниту пак на лицата кои во последно време си го одзедоа животот им недостигале органи. Во Северна Македонија нема ниту еден случај на убиство за вадење органи“, изјави Спасовски на прес конференцијата во МВР.
Тој посочи дека со вакви лаги и дезинформации се наштетува на општеството и на граѓаните, на кои навистина им треба помош. Апелираше граѓаните да бидат спокојни и да не наседнуваат на ваквите лаги и како апсолутно неточни ги оцени наводите дека расте бројот на исчезнати лица.
„Статистиката покажува дека во 2018 имало 370 пријавени исчезнати, а во 2014 – 574 лица. Денес МВР е транспарентна институција, за разлика од претходно кога од јавноста се криеја и убиства“, рече Спасовски.
Спасовски побара трпение, бидејќи како што рече Одделот кој работи на оваа проблематика е ангажиран 24/7, се реагира веднаш кога ќе се добие информација за некое исчезнато лице, но дека истрагите мора да бидат темелни и затоа треба повеќе време. Тој рече дека во ваквите случаи се работи до самиот крај и МВР нема да се откаже од ниту еден ваков случај.
„Ве уверувам дека овие истраги се спроведуваат со целосни посветеност и темелност и потребно е повеќе време да се дојде до резултати. Никогаш нема да се откажеме од вакви случаи, а на оние кои шират шпекулации и лаги за трговија со органи сакам да им порачам дека не помагате и дека само ја зголемувате болката на семејствата. Дел од овие случаи завршуваат со самоубиство и затоа да ја почитуваме приватноста на семејствата“, кажа министерот.
Тој излезе и со низа препораки до граѓаните порачувајќи дека ако исчезне некој прво да се контактира МВР односно најблиската полициска станица, а потоа и сите други лица кои контактираат и може да имаат информации со исчезнатиот.
„Соработувајте со полицијата, дајте информации. Споделете ги карактеристичните размислувања на исчезнатото лице. Не сокривајте информации од полицијата, обезбедете фотографија и дозволете полицијата да ја сподели со јавноста. Обратете се на најблиската станица“, порача Спасовски.