Граѓаните на Прилеп во изминатиот период информираат дека тука, во овој објект позади мене, се подготвува фабрика за производство на масло од марихуана за медицински цели и дека заинтересирани граѓани веќе се пријавуваат за вработување. Истакна на денешната прес конференција Влатко Петкоски, портпарол на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Со оглед на тоа дека оваа информација е секојдневна тема во целиот град, прашуваме што точно се подготвува во објектот од неколку илјади метри квадрати и дали тука ќе се инсталира технологија за ладна екстракција на масло од цветови од растението канабис сатива?
Прилепчани особено ги интересира дали во околината на овој објект ќе никнат и плантажи со марихуана и дали и какви последици може да предизвика тоа врз здравјето на луѓето? Минатата година премиерот Зоран Заев, пред пратениците во Собранието призна дека токму неговиот прв братучед Трајче Заев е лиценциран производител на масло од канабис.
Граѓаните ги интересира дали империјата на Заеви сега ќе се прошири и во Прилеп, и доколку е така, колкав би бил нивниот прилив?
Дали локалната власт и градоначалникот Илија Јованоски се запознаени и дали чувствуваат обврска да им објаснат на граѓаните за каква и чија инвестиција станува збор?
Се поставува и прашањето како производството на масло од канабис може да влијае врз здравјето на луѓето кои работат во вакви фирми и дали е точно дека тие луѓе може да имаат последици врз репродуктивниот систем?
Почитувани, Производството на масло од канабис е дозволено со законските прописи во државата, но со оглед на тоа дека се работи за сериозна тема и бизнис кој достигнува до 100 милиони евра, граѓаните и тоа како заслужуваат одговори на овие прашања. Ви благодарам!“, истакна Петкоски.