Откако Општина Прилеп објави дека наместо во сала Македонија спортско рекреативниот центар, со комплекс на затворени базени, кој градоначалникот Јованоски го ветуваше пред локалните избори, ќе се гради во населбата Точила опозицијата на прес конференција запраша дали ова е повторно само уште едно лажно ветување кое сега се дава повторно пред избори – претседателските. Градоначалникот Јованоски денеска истакна дека во тек била постапка за основниот проект за тој затворен базен или затворени базени. Така што до в година тој ќе бил направен. Засега не се знае точно колку ќе чинат тие покриени базени.
„Еве уште еднаш кажувам јавно дека тој базен во текот на идната година тој комплекс на базени ќе биде направен. Лоциран е до детската градинка која ќе се прави помеѓу двете училишта, основното училиште „Блаже Конески“ и СОУ „Ристе Ристески – Ричко“. Детската градинка ќе биде во близина на овој комплекс на базени. Таму во еден од тие базени сите деца од основните училишта ќе имаат одреден број на часови за едукација по пливање. Се уште немаме направено буџет за тоа, за следнат година ќе биде направен и тој буџет. Засега ќе го финансира општината заедно со Агенцијата за млади и спорт“,
Јованоски се правдаше дека пред локалните избори кога го дал ветувањето на граѓаните дека салата Македонија ќе прерасне во ваков компекс не ги знаел сите проблеми со кои се соочува овој објект.
„Кога во предизборната кампања кажував дека ќе направиме спортско рекреативен центар кој го имавме замислено во салата Македонија незнаев за некои детали и можности дека не се под општината, дека не се решени имотно правните односи, дека после пожарот салата нема дозвола за работа и слично. Видовме дека и таму треба да се смени Деталниот урбанистички план, дека имотно правните односи не се решени, незнаеме дали таа сала има некој долг и колкав е тој. Поради сето ова одлучивме со промена на ДУП тоа да биде во населбата Точила каде ќе се изгради нов спортско рекреативен центар каде што дечињата ќе можат да пливаат, а и останатите граѓани. Единствено промената е на локацијата. Сала Македонија е сопственик на државата, во тек е постапката за пренесување на општина, но се уште ги немаме сите тие потребни документи, немаме никаква форма на сопственост за да може да сметаме на салата“, додаде Јованоски.