Американското министерство за одбрана одобри милијарда долари за јакнење на безбедноста на границата со Мексико, објави вршителот на должноста министер за одбрана Патрик Шанахан.
Со овие средства ќе се финансира изградбата на 92 километри ограда висока 5,5 метри во близина на Ел Пасо во сојузната држава Тексас, како и градење патишта и осветлување. Инаку, целосната должина на границата меѓу Мексико и САД изнесува 3.140 километри.
Во соопштението објавено на интернетската страница на Пентагон се наведува дека овој потег претставува „поддршка на објавата на воредна состојба на 15-ти февруари на јужната граница на САД“. Целта е да се спречат криумчарите на дроги преку границата.
Проектот е опишан како „ограда“ а не „ѕид“. Градењето на ѕидот на американско-мексикнаската граница беше клучното предизборно ветување на републиканскиот претседател Доналд Трамп на изборите од 2016-та. Демократите, пак, остро се спротиставуваат на градењето на овој ѕид и настојуваат да го опструираат проектот.