ВИДЕО – За само 5 евра акциите на Победа се отстапуваат на градот, Општината инвестира 40 милиони денари за реконструкција на трибините на стадионот

За сума од само 5 евра, 5-те акционери на ФК Победа одлучија акциите да му ги отстапат на градот и тие ќе бидат понудени на јавна продажба. Ова се правело за да се спаси клубот и тој да опстане во прва лига, но и да им се врател на оние на кои припаѓал, граѓаните од Прилеп.

 

 

„Акционерите на АД „Победа“ Прилеп донесоа одлука дека сите едногласно ги продаваат своите акции за номинална вредност од само 1 евро. Причината за оваа одлука е клубот да се врати на оние на кои што припаѓа, на граѓаните на Прилеп, на градот Прилеп. Оваа наша одлука несебично беше поддржана од градоначалникот на Општина Прилеп. Акциите ги објавуваме на јавен оглас, постојат одредени законскии регулативи брз кои што треба да се повикаме. Веќе потписите се обезбедени, согласноста е обезбедена од сите, но еден од акционерите физички не е присутен тука. Освен него сите сме потпишани. Акциите потоа се даваат на продажба на останати компании, поединци и сите кои се заинтересирани за нив. За да се спаси Победа и да се врати онаму каде што припаѓа“, рече Ирена Јакимоска, претседателка на ФК Победа.

 

Според Јакимоска, дел од сегашните акционери и понатаму ќе останеле покрај новото раководство на ФК Победа и ќе го поддржувале финасиски се со цел Победа да го задржи потребното ниво.

 

Градоначалникот Јованоски истакна дека сега клубот е оставен на град Прилеп, а не на Општина Прилеп како што се мисли. Според Јованоски општината секогаш ќе давала логистичка поддршка на АД Победа Прилеп како што правела и досега. Локалната самоуправа и претходно и сега одвојуваа по околу 3 милиони денари за Победа, како во 2017-та, 2018-та. 3 милиони денари се одделени и оваа година, но истите ќе биле префрлени на Победа после 5 мај, после завршувањето на претседателските избори.

 

Она што е ново е започнувањето на реконсруцијата на стадионот.

 

„Во постапка е покривање на северната трибина, во тек е тендерската документација за правење на јужната трибина, околниот ѕид и сите инфраструктурни елементи  кои му следуваат на градскиот стадион. Исто така добив уверување и од ФФМ да бидат ставени во функција рефлекторите на стадионот и тревникот. Јас се надевам дека ова обврска ќе ја исполнат. И тврдам дека градскиот стадион, т.е. трибините до почетокот на наредната сезона ќе бидат направени. Тоа е поттик за сите нови идни акционери кои би се јавиле, граѓани, стопанственици, фубалски работници, навивачи, од овој момент акциите се на располагање и мислам дека оваа година мора да се најде начин Победа да опстои во прва лига. Условите во кои се наоѓа Победа се тешки и од финансиски аспект и исто така незавидна е положбата на табелата. Сепак остануваат уште 13 кола. Има теоретска можност за тоа. Ако Победа опстои во прва лига од наредната година ќе имаме свој терен и гледачите и граѓаните ќе имаат можност сите натпревари на Победа да ги гледа на свој терен. И да упатам апел до сите стопанственици, заинтересирани граѓани кои го сакаат фудбалот и Победа да вложат одредени средства доколку сакаат. Поготово поголемите компании од нашиот град кои можат да направат бизнис план и да го одржуваат овој клуб. Навивачите исто така да бидат вклучени. И ова нека биде еден апел да овие акции од 5 евра ги откупат или ги откупи еден за да може Победа да функционира во прва лига како што беше и досега“, истакна градоначалникот Јованоски.

 

За северната трибина се одделени 10 милиони денари, а за градежните работи на другата трибина 30 милиони денари, значи во овој момент Општина Прилеп издвојува околу 40 милиони денари за реконструкција на градскиот стадион.

 

„Првенството е во тек ќе се обидеме да опстанеме во прва лига. Можеби сме едеинствен клуб во светот кој 3 години игра надвор, а тој притисок е огромен кога се борите за место во табелата. Ја немате подрршката на публиката, секој натпревар го играме надвор и затоа во овој момент сме благодарни на градоначалникот што некој конечно започна да го решава овој проблем за да натпреварите ги играме тука. Ќе се обидеме да опстане, но ништо не значи и ако не опстанеме, целта е да се стабилизира и организира клубот, како што доликува на еден клуб од прва лига и како што доликува на еден клуб од Прилеп кој важеше за еден од најспосртските градови во државата“, кажа Миле Спиркоски, генерален секретар на ФК Победа.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien