Противпожарната бригада на Париз изјави дека структурата на катердралата Нотр Дам е сочувана, заедно со главните уметнички дела, откако 400 пожарникари вчера повеќе од девет часа го гасеа пожарот што предизвика огромна штета.
Спасени се двете историски кули и камената структура, додека целосно изгоре средновековниот покрив.
Градоначалничката на Париз Ан Идалго им се заблагодари на пожарникарите и полицијата за спасување на свети предмети, реликвии и главните уметнички дела во катедралата, нагласувајќи дека Нотр Дам е душата на Париз.
„Најлошто е избегнато, иако битката се` уште не е целосно добиена“, рече претседателот Емануел Макрон, најавувајќи државна кампања за собирање донации за обнова на катедралата, повикувајќи ги и најголемите светски таленти да помогнат во овој напор.
Францускиот милијардер Франсоа-Анри Пино кажа дека ќе донира 113 милиони долари да помогне во обновувањето, како и францускиот милијардер Бернар Арно, кој рече дека неговoтo семејство и компанија ќе донираат 226 милиони долари.
Иако се` уште не е јасно која е причината за избувнување на пожарот, француските медиуми јавуваат дека пожарникарите го гледаат реновирањето на катедраталата како потенцијална причина за пожарот.