Во издание на издавачката куќа „Палмира“ од Стара Загора, Р. Бугарија, деновиве од печат излезе бугарското издание на поетската книга „Во градината има само љубов“ од македонскиот поет Филип Димкоски.
Препевот е на Палмира Никленова, автор на корицата е Кристијан Јованоски, рецензенти се Илијана Каракочева (Бугарија), м-р Снежана Алексиќ Станојливиќ (Србија), проф. д-р Гордана Попсимонова и проф. д-р Васил Тоциновски (Македонија), предговорот го напиша д-р Александар Димкоски, а уредник на изданието е писателот Димитар Никленов.
Првата промоција на книгата ќе се случи на 20 мај во во куќата-музеј „Гео Милев“ во Стара Загора, а предвидени се и промоции низ други градови на Бугарија до крајот на годинава.
Димкоски првпат на бугарската литературна сцена се појави во 2012 година и одтогаш постојано наидува на добар прием кај публиката ширум Бугарија. Неговата книга „Божилак на исконот“ исто така објавена е на бугарски јазик и промовирана низ Бугарија во 2016 година.