Органското производство скоро и да не е застапено во македонското земјоделие

Само 0,56% од обработливото земјиште во Македонија во моментов отпаѓа на органско производство, а проекциите до 2020 година, согласно стратегијата за рурален развој, се 4%.

 

Првата симболична активност во органскиот сектор во Македонија се забележува во 1997 година, кога Алкалоид побарува прв органски сертификат во земјата со цел дивите билки (липа, камилица) да ги продава како органски на националниот пазар.

 

Во 2016 година околу 500 хектари во земјата биле под органски насади, придонесувајќи со околу 0,4% од вкупната површина под земјоделски насади во земјата. Во 2018, само 0,56% од обработливото земјиште во Македонија е под органски насади.

 

Македонските земјоделци мора да го искористат потенцијалот на органските производи со тоа што ќе ги исполнат европските и светските стандарди и на храната ќе и додадат поголема цена и вредност, бидејќи тоа го бара меѓународниот, но и домашниот пазар.

 

„Македонското органско растително производство засега најмногу може да понуди житни култури, фураж, грозје и ароматични лековити растенија, додека во органското сточарство, предничи овчарството. Сертификати може да се добијат од две тела кои се акредитирани и се гаранција. Од минатата година субвенциите се зголемени за 30 отсто, а на производителите им се исплаќаат и дополнителни 50 проценти од трошоците за сертификација. Како резултат на тоа, зголемен е интересот за преминување од конвенционално во органско производство“, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

 

Инаку органските производи се производи добиени од строго контролиран начин на производство, кој е законски регулиран и се нарекува органско производство. Органските производи се безбедни, без присуство на вештачки материјали и хемиско синтетички пестициди. Со самото тоа тие се поздрави и имаат поголема нутритивна вредност. Истражувањатата покажуваат дека органските производи содржат дури и 63% повеќе калиум, 73% повеќе железо, 125% повеќе калциум и 60% повеќе цинк од производите добиени од конвенционалното производтсво. Органските производи, поради начинот и процесот на добивање, кој е во хармонија со природата, имаат поголема животна енергија и сила, а токму таа е одговорна за одржување на виталноста на човековиот организам. Посебно се истакнува значењето на примена на органска храна во исхараната на децата.

 

Според експертите, за развој на органското производство е неопходно постојано истражување, континуирана едукација и пред се, прилагодување кон побарувачката. Фокусот треба да се стави на руралните средини кои имаат голем потенцијал поради екстензивното традиционално земјоделство. Пелагонискиот регион нуди поволни климатско-почвени услови за развој на растително и сточарско органско производство.

 

Добро планирање, организирање, здружување, учење и постојано следење на трендовите, односно на барањата на потрошувачите се клучни за органското земјоделство.

 

„Од многу голема важност за квалитетот на органските градинарски култури е подигање на биолошка бариера (жив ѕид од вегетација) за која можат да послужат било кои жбунасти или култивирани билки. Целта на оваа био-бариера е заштита на сертифицираното органско производтсво од евентуално пренесување на недозволени синтетички пестициди (вештачки препарати) кои се употребуваат на соседните површини, а и како место за развој на корисни инсекти кои се потребни при биолошката борба со штетниците на билките. Висината на био-бариерата треба да биде поголема од висината на културите кои се одгледуваат на сертифицираната парцела а исто треба да биде повисока и од соседните конвенционални култури“, вели еден производител на градинарски култури.

 

При сертификација на градинарските култури во затворен простор (оранжерии) споменатите заштитни мерки не се потребни заради тоа што тука самите ѕидови на оранжерот преставуваат заштитна мерка. Како услов за органски градинарски култури како на затворено така и на отворено е примена на плодоред. Плодоред е агротехничка мерка која подразбира ротирање на (замена на парцели и замена на семиња) на културите кои се произведуваат во одредени временски интервали во однос на местото во кое се одгледуваат. Максимално дозволен период за непрекинато одгледување е 2 години, под услов да нема појава на некои штетници или болести.

 

„Ако на една парцела се одгледува домат, следната година на таа парцела пожелно е да се засади некоја друга култура од друга ботаночка фамилија. Во органското производство како средство за заштита од болести можи да се користат околу и низ поседите билки како што се копривата, нането, лавандата и др. Тие нудат уште поголема заштита. Помеѓу редовите на домат може да се насадат редови со цветови кои делуваат одбивно на нематоди кои прават голема штета кај доматот, садењето на белиот лук меѓу редовите на морков успешно ја одбива морковата мува, при одгледувањето на празот во комбинација со редови одгледување на целер се добиваат добри резултати во борба со плевелот. При одгледувањето на пченица, меѓу редовите на пченицата кои се на 15cm разлика се сее соја која донесува азот во тлото кое оневозможува раст на плевел кој се наоѓа при посевите со пченица“, велат производителите на органски градинарски култури.

 

Органските производи треба да се практикуваат бидејќи не ја загадуваат животната средина (вода, воздух, земја), производството се заснова на користење на природно постоечките односи и интеракции во природната средина (биолошки циклуси и зачувување на биодиверзитетот), се почитува природната еколошка рамнотежа и се користат одржливи извори на енергија.

 

Автор: Елена Крстеска

 

Оваа вест. е поддржана преку проектот „ Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести “, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Институтот за медиуми и различности од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржините во веста се единствена одговорност на авторот и на ЛАГ Агро Лидер, и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien