Децата што не ги примиле вакцините од редовниот календар нема да бидат запишани во градинка или во училиште. При запишувањето, родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа.
„Измените на Правилникот за формата, содржината и начинот на водење на педагошката документација и евиденција во детска градинка и центар за ран детски развој веќе излегоа во „Службен весник“ и според нив, нема да се запишуваат невакцинирани деца во овие установи“, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денес изјави дека нема да се отстапува од донесените мерки по прогласената епидемија од морбили и оти од оваа учебна година нема да се запишуваат првачиња за кои нема да биде доставен картон за вакцинација.
„Вакцинацијата е задолжителна. Во прво одделение нема да можат да се запишат деца кои не се вакцинирани. Мора да го подигнеме степенот на имунизација на сите граѓани во Република Северна Македонија со цел да ја спречиме епидемијата на морбили. Ова се мерки коишто се спроведуваат и нема отстапување од нив“, наведе Бошњаковски.
Потврдите кои се приложуваат при упис на дете во градинка или основно училиште се издаваат во здравствените домови каде што има вакцинални пунктови и истите се бесплатни.