Археолозите дојдоа до научни сознанија кои укажуваат како биле градени Големите пирамиди во Гиза пред повеќе од 4.500 години.
Тие се едно од седумте светски чуда. Историчарите веруваат дека најголемата пирамида од овој грандиозен комплекс е изградена во период од 20 години, за фараонот Кеопс, кој е погребан во неа. Мистерија е како древните Египќани успеале да пренесат толку големи камени блокови со вкупна маса од шест милиони тони?
Собирањето 170.000 тони висококвалитетни варовнички камени блокови е најголемиот предизвик. Тие можеле да се донесат само од далечните рудници кај местото Тора. Никој не е сигурен како тие камења стигнале во Гиза за толку кратко време.
Во документарен филм на британскиот Канал 4, под наслов „Големата египетска пирамида: Нови докази“, археолозите откриваат нови сознанија.
Според новата теорија Кеопс успеал во тоа благодарение на посебна флота бродови и високообучени морнари. Показател за тоа се штиците пронајдени во 1954 година во јама близу темелите на Кеопсовата пирамида, за кои сега се знае дека се од брод.
„Ова е огромно откритие, не само за Египет, туку за целиот свет. Според анализите, штиците се од 2600 година пред новата ера, што се поклопува со времето на пирамидата, па знаеме и дека бродот му припаѓал на фараонот Кеопс. Среќен сум што сум првиот човек кој го допрел ова дрво по повеќе од 4.000 години“, изјави археологот Еиса Зидан, кој бил само надгледувач во новите проучувања.