Полициска акција на северот на Косово – Србија ја зголеми борбената готовност

Повеќе од 20 луѓе се уапсени во денешната акција на специјалната косовска единица РОСУ на северот на Косово, во која, има и повредени лица. Според официјалното соопштение, акцијата била финале на повеќемесечна истрага на криминални групи вмешани во шверц, злоупотреба на функцијата и илегална трговија.

 

„Полициската операција, која се спроведува во неколку региони, меѓу кои и во општините Звечан, Зубин Поток, Лепосавиќ, Северна Митровица, Јужна Митровица, Србица и Глоговац, до сега резултира со апсењето на неколку граѓани и неколку полициски службеници од различни националности – Албанци, Срби и Бошњаци, кои се осомничени за разни дела“, се наведува во соопштението на косовското МВР.

 

Косовската полиција се соочила со отпор, особено во општината Зубин Поток, каде бил уапсен еден полицаец, при што локалните Срби го блокирале патот, но полицијата успеала да се пробие.

 

Според сведоци, специјалците во Зубин Поток брутално претепале околу 100 локални Срби откако ги пробиле барикадите во местото Варага. Полицајците демолирале и кафеана во која со кундаци ги тепале гостите, меѓу кои имало и старци.

 

Полициската акција ги зголеми тензиите во односите со соседна Србија, која ги стави сите единици на армијата во состојба на целосна борбена готовност.

 

Претставникот на српската влада во Косово, Марко Ѓуриќ изјави дека акцијата на косовската полиција има за цел заплашување и протерување на Србите од Косово и претставува „не само закана за стабилноста, туку и најдиректна закана за мирот“

 

„Доколку не сопре веднаш, нема дилеми како ќе реагира Србија во текот на денот,“ предупреди Ѓуриќ.

 

„Ако постои загрозување на поредокот и животите на луѓето во северниот дел на Косово, нашата армија ќе го заштити нашиот народ“, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ.

 

Според него, во акцијата уапсени се 23 лица од српска и бошњачка националност, претежно членови на косовската полиција во Косовска Митровица, Лепосавиќ и Зубин Поток.

 

Командантот на Меѓународните сили на Косово (КФОР), италијанскиот генерал Лоренцо Д’Адари денеска ги повика косовските граѓани да останат мирни, порачувајќи им дека нема од што да се плашат. Според КФОР, акцијата е врз основа на налози за апсење издадени од страна на суд во Приштина во рамки на истрага поврзана со корупција.

 

„КФОР потврдува дека ова е само полициска операција и дека Косовските безбедносни сили или кои било други воени сили не се распоредени на северот на Косово“, се наведува во соопштението.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien