Во западниот дел од Пацификот денеска се одвиваше вистинска драма, кога за малку ќе дојдеше до судар на американски и руски воен брод, при што двете земји се обвинија за опасно и непрофесионално однесување.
Руската Пацифичка флота соопшти дека УСС Чанселорсвил, крстосувач со наведувани проектили, поминал на 50 метри од рускиот разурнувач Адмирал Виноградов, при што рускиот брод бил приморан брзо да маневрира за да избегне судир, пренесуваат руските агенции.
„Американскиот крстосувач Чанселорсвил нагло го смени курсот и се упати директно кон разурнувачот Адмирал Виноградов доаѓајќи на 50 метри од бродот“, се вели во соопштението.
Оваа верзија ја отфрли командантот на американската флота , Клејтон Дос, кој ги ги нарече Русите ,,непрофесионални и неспособни”. Дос истакна дека нивниот брод извел несигурен маневар против УСС Чанселорсвил, а руското обвиниение го отфрла како пропаганда.
„Ваквата небезбедна акција го примора американскиот брод да се врати наназад и да маневрира за избегне судир“, додаде тој.
Бродовите биле оддалечени од 15 до 30 метри во морето во близина на Филипините.
Инцидентот се случи неколку дена откако Вашингтон ја обвини Москва за небезбедно пресретнување на американски разузнавачки авион од страна на руски ловци во близина на Сирија.
Во последните години регистрирани се десетици случаи на „блиски средби“ и опасни воени маневри на море и во воздух, а двете страни редовно меѓусебно се обвинуваат за инцидентите. Во номеври САД објавија снимка на руски борбен авион кој на исклучително опасна близина пресретнува американски борбен авион над Црното Море во потег кој го нарекоа „неодговорен“, а за кој Русија соопшти дека бил направен за да се сопре „нарушување на рускиот воздушен простор“.