Во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ е отворена изложбата „Пејзажни знаци“ од Давид Атанасоски.
„Морфолошката структура на пејзажните знаци како автономна појава со автентична еволуција, како и достапните локални ресурси – картоните, втиснувајќи им ја универзалната димензија, се извор за мојата уметничка идеја“, вели авторот.
Оваа ликовна инсталација од ѕидни објекти е генерирана од локалниот биоотпад, трансформиран во галерискиот простор.
„Рустикалната обработка на картоните на соодветен начин ги нагласува линијата и формата како елементи на изразување на уметноста. Ритмичното повторување на мотивите силно ја нагласува динамиката, која во голема мера зависи од позиционирањето на формата, бојата, движењето и рамнотежата на композицијата. Оваа модулација дава најкомплексно објаснување на геометриските форми, која од постоењето на овој феномен ѝ дава статус на филозофска категорија идентична со принципот на функционирање на космичкиот поредок и одговара на теоријата на ритмичко повторување на животот што се движи и постојано се менува. Тоа е фактор што го прави редот, носи хармонија во хаосот, тој е оној што е врвен принцип и монитор што ги регулира сите уметнички елементи“, изјави Атанасоски.
Давид Атанасоски е роден во Прилеп 1995 година. Во 2018 година заврши Факултет за ликовни уметности во Скопје, отсек вајарство во класата на професор Исмет Рамиќевиќ, со конзервација и реставрација.