Трчаме заедно за лицата со церебрална парализа – We Run – We Care

Рекреативно донаторска трка во должина од 5 километри, по втор пат ќе се одржи на 30.06.2019 во недела, со почеток во 19:00 часот во центарот на Прилеп, под мотото „Трчаме заедно за лицата со церебрална парализа“.

 

Целта на оваа трка е преку рекреација и колективно дружење на бизнис секторот и граѓаните на oпштина Прилеп да се соберат што е можно повеќе средства токму за лицата кои боледуваат од церебрална парализа. Сите собрани средства ќе бидат искористени за тековните трошоци и одржување на Дневниот центар за лица со церебрална парализа.

 

„Општина Прилеп, по втор пат во соработка со приватните стопански компании „ГЕНТЕРМ Македонија“, „Комфи Ангел“ и „Стопанска комора на Македонија – Регионална канцеларија Прилеп“, „Мермерен Комбинат“, „Прилепска Пиварница“, „Конфекција Кули“, „WIK“ и „Ветеринарна Клиника – Прилеп“ организира рекреативно донаторско трчање од 5 км во централното градско подрачје која ќе се случи  на 30.06 во недела со почеток во 19:00 часот, а целта е да се соберат што е можно повеќе средства за лицата со церебрална парализа“, истакна Цвете Станојоска од Општина Прилеп.

 

„Чест ми е што во името на ‘ГЕНТЕРМ Македонија’ втора година по ред го повикувам целото население на Прилеп да земе учество во оваа традиционална трка која нема натпреварувачки карактер, станува збор за донаторска трка, а средствата кои ќе бидат собрани ќе бидат наменети токму на лицата со церебрална парализа на кои најмногу им е потребна донацијата“,истакна Васил Костовски, директор за човечки ресурси во ‘ГЕНТЕРМ Македонија’.

 

Стопанската комора на Македонија преку компаниите членки на регионалната комора земаат активно учество во поддршката и организацијата на овој настан.

 

„Сите овие компании уште еднаш ја потврдуваат својата хуманост и својата општествена одговорност. Се надевам дека догодина масовноста ќе биде уште поголема. Голема благодарност до компаниите од ТИРЗ зоните кои активно земаа учество во овој настан“, посочи Горан Попоски Извршен директор на Регионалната стопанска комора – Прилеп.

 

„Прилепска пиварница има развиено големо пријателство кон лицата на кои им е потребна помош, особено кога станува збор за дел од нашите сограѓани. Многу пати низ многу акции и донации Прилепска Пиварница ја има докажано својата општествена одговорност. Голема чест и задоволство ни е да се вклучиме во оваа рекреативна трка и да им подадеме рака на лицата со церебрална парализа, посочи Ивона Чадамова, асистент во Прилепска Пиварница.

 

Со ставање во функција на Дневниот центар, после Скопје, Прилеп е втор град во државата, кој што отвори ваков центар, со капацитет на згрижување од 25 до 30 штитеници.

 

За секој учесник во трката, Општина Прилеп ќе обезбеди благодарници во знак на  нивниот хуман гест. Котизацијата за учество на донаторското трчање е 100 денари.

 

Сите заинтересирани граѓани, фирми и правни субјекти кои сакаат да се дел одовој хуманитарен настан, можат да се пријават кај лицето за контакт ЦветеСтанојоска од Општина Прилеп, на телефонски број +38977540919 или на меил: cvetestanojoska@gmail.com.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи