Започна Семинарот за изворниот мелос кој е предвесник на јубилејниот 45-ти Фестивал „Пеце Атанасовски“

Од денеска до петок, во рамките на Фестивалот за народни инструменти  и песни „Пеце Атанасовски“ ќе се одржува традиционалниот семинар за изучување на народните инструменти и песни. Со овој семинар традиционално се навестува Фестивалот кој ќе се одржи на 5 и на 6 јули, в петок и в сабота, во Прилеп и на Рудина кај Долнени на кој ќе учествуваат околу 350 изведувачи на изворниот мелос од целава земја. Годинава фестивалот ќе се одржи по јубилеен, 45-ти пат. Покровители се Министерството за култура и Општина Прилеп.

 

13-ина млади, на возраст од 12 до 15 години во Спомен-куќата на Пеце Атанасовски во Долнени ќе ги изучуваат изворните инсрументи и песните кои се македонско фолклорно богатство и се пренесувале низ вековите и од генерација на генерација.

 

Според етномузикологот Горан Василески, кој го води Семинарот, годинава запознавањето со изворниот мелос ќе биде на теренот.

 

„За изучувањето на изворните инструменити ќе бидеме на теренот, во средините во Прилеп и во Долнени, онаму каде низ вековите се создавал изворниот мелос. Ќе посетиме работилница каде се изработуваат инструментите, пред сѐ, гајдите, а во средините, младите ќе се запознаат каде и како се создавала изворната песна“, објаснува Василески.

 

 

Официјално, јубилејниот 45-ти Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ ќе почне в петок со традиционалното дефиле на учесниците низ центарот на Прилеп. Ќе учествуваат околу 350 исполнители на изворниот мелос од цела Македонија, а се најавени и гости од соседните земји. Фестивалот свечено ќе биде отворен од 20 часот, што е и првата фестивалска вечер, на летната сцена на плоштадот „Александрија“ во центарот на Прилеп, каде пред вљубениците на изворниот мелос ќе се претстават дел од учесниците. Фестивалот свечено ќе го отвори градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски.

 

В сабота, на 7. јули, од 11 часот во ликовната галерија од Центарот за култура „Марко Цепенков’ во Прилеп ќе се одржи симпозиум со еминентни научни работници на тема „Фолклорот во минатото и денес“. Воедно, ќе биде промовиран и Зборникот на трудови на етнолози и научни работници за изворниот мелос.

 

Од 19 часот в сабота, на Рудина кај Долнени е втората фестивалска вечер каде ќе настапат учесниците на ова, јубилејно издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. На крајот, ќе бидат прогласени најдобрите и ќе биде врачена наградата за најдобар гајдаџија, гајдата на Пеце Атанасовски што ја доделува општина Долнени.

 

 

Уметничкиот директор на Фестивалот, етномузикологот професор Родна Величковска од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје нагласува дека веќе 45 години Фестивалот ги исполнува главните цели.

 

„Македонскиот народ изнедрил богат изворен мелос создаван низ вековите и е дел од богатотот фолклорно наследство.Веќе 45 години Фестивалот го одржува, го негува богатото фолклорно наследство и, секако, го пренесеува на новите генерации“, нагласува Величковска.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи