Брнс: Задоволство е што мандатот го започнувам во периодот кога ќе станете 30 земја членка на НАТО

Facebook
Twitter
Email
Print

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска го прими акредитивното писмо на новоименуваната американска амбасадорка во Скопје Кејт Мери Брнс.

 

Амбасадорката Брнс рече дека ќе ги поддржува напорите на македонските власти во борбата против корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото и ќе работи на зацврстување на безбедноста.

 

„Нашите две земји се посилни поради нашата соработка. Нашите војници служат рамо до рамо на бојното поле, исто како што нашите лидери работат заедно на унапредување на нашите цели за безбедна и просперитетна Северна Македонија и Европа. Се обврзувам дека ќе промовирам стабилност преку силни институции и дека ќе ги подржам напорите на вашите власти во борба против корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото, дека ќе го унапредам просперитетот преку помошта и партнерството со приватниот сектор и дека ќе работам на зацврстување на безбедноста преку нашето партнерство во одбраната, изјави Брнс при предавањето на акредитивното писмо на Пендаровски.

 

Новата американска амбасадорка во земјава истакна дека е задоволство што својот мандат го започнува во перидот кога земјава ќе стане 30-та земја членка на НАТО.

 

„Ми претставува задоволство да го започнам мојот мандат во овој клучен период за односите помеѓу нашите две земји. Со нетрпение очекуваме, до крајот на годината, да и посакаме добредојде на Северна Македонија како 30 членка на НАТО Алијансата. Повеќе од 25 години работиме заедно и постигнавме многу во унапредувањето на нашите заеднички цели да ја видиме Северна Македонија целосно интегрирана во западните институции и целосно посветена на нашите заеднички вредности демократија, индивидуална слобода, и владеење на правото“, кажа амбасадорката Брнс.

 

Претседателот Пендаровски изрази голема благодарност за континуираната и цврста поддршка што Соединетите Американски Држави и ја дават на нашата држава од самиот почетокот на нејзината независност.

 

„Таа поддршка, посебно изразена во доменот на остварувањето на стратешките цели, целосно интегрирање во Евроатлантските структури и организации, не е само доказ за цврстото пријателство, туку и суштествен поттик и охрабрување за успешно соочување со сите предизвици во денешниот свет на постојани промени. Нашите земји се поврзувани и со заедничките заложби и решителност за чување на мирот, зајакнување на демократијата и почитувањето на човековите права. Стоиме заедно со САД и во борбата против тероризмот. Одлучни сме да продолжиме да дејствуваме во насока на натамошно промовирање на универзалните вредности што ги споделуваме“, истакна Пендаровски.

 

Брнс веќе 25 години работи како дипломат. Во Скопје дојде од Атина каде што ја вршеше функцијата заменик-амбасадор. Претходно, таа била заменик-шеф на мисија и заменик на постојаниот претставник на Мисијата на САД во ОБСЕ во Виена.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи