Борјан Јованоски е македонски параглајдерист од Прилеп кој во моментов се наоѓа на второто место на светската ранг листа во параглајдерство во дисциплината прецизно слетување. За да го освои првото место вели дека се потребни повеќе финансии од државата или бизнис секторот за да може да учествува на оние подалечни натпревари како што се во Кореја или Индонезија. Засега за нив нема средства да учествува. Во ова интервју откриваме повеќе информации за Борјан и како започнала неговата приказна за параглајдерството.
Борјан што се беше потребно во овој изминат период да се постигне за да се освои тоа второ место на светската ранг листа ? Колку труд вложи, колку натпревари освои, колку купови, колку пати се искачи на пиедесталот ?
Точно така во моментов се искачив на второто место светската ранг листа во дисциплината прецизно слетување благодарение на претходните резултати од натпреварите на кои учествував оваа пролет, не беше лесно, огромна конкуренција, но полека одиме кон врвот на светската ранг листа. Се она што треба да се вложи во овој спорт како и во сите останати спортови е огромниот труд во тренинг и љубовта кон нештото. Доколку го сакаме нештото резултатите си доаѓаат сами по себе. Оваа пролет настапував на околу 10-тина натпревари од кои на 8 бев на подиум. Тие натпревари беа од големо значење за мене. Сите тие натпревари беа околу Македонија, во соседните и поблиските држави. Ние како воздухопловна федерација немаме доволно средства и неможеме да настапуваме на натпреварите кои се случуваат надвор од Европа. За среќа сега сите овие натпревари се вклопија да бидат тука блиску и со нашите можности успеавме да отидеме таму и ги постигнавме тие резултати.
Во кои држави се одржуваа тие натпревари ?
Овие натпревари се одржуваа на Балканот, тоа беа Европски купови кои за среќа како што кажав претходно имавме можност да присуствуваме на нив. Бидејќи светските купови кои сега треба да се одржат се во Кореја, Индонезија, азиските делови и тие за нас се недостижни. Иако добро котираме, имаме одлични резултати сепак финансиските средства се многу големи за да отидеме на тие натпревари.
Интересно е да се каже дека ти си вториот Македонец кој успеал да се искачи толку високо на светската ранг листа, а првиот Македонец е токму твојот брат, Мартин Јованоски, кој што го имаше освоено првото место во светот и тоа подолг период го држеше тоа место ?
Точно така, мојот брат претходно беше на првото место на светската ранг листа. Благодарение на мојот брат Мартин и мојот татко Миле Јованоски кој е мој инструктор, јас ги следам нивните стапки во параглајдерството и тие се едни од најзаслужните што јас сум во овој спорт.
Како фамилија колку време се занимавате со овој спорт, како започна таа приказна околу параглајдерството ?
Целата приказна започна уште од мои 6 години кога го направив првиот тандем лет заедно со мојот родител и тогаш се вљубив во параглајдерството и чувството беше неописливо.
Неописливо чувство рече кога си во воздух, но дали на некој начин сепак може да се долови ?
Во сите тие приказни кои ми ги раскажувала мојата баба како мало дете човечкиот сон беше летањето. А јас сум се родил во една таква средина каде летањето ми беше достижно, па не може да се избегне од таа можност за да се лета.
Го карактеризираат како еден адреналински, но и екстремен спорт, дали навистина е опасен и колку ?
Овој спорт спаѓа во групата на екстремни спортови, но доколку се почитуваат правилата на играта нема ризици. Ризиците се сведуваат на минимум.
Што се е потребно да направи еден почетник кој сака да се занимава со параглајдерство ?
Според законските регулативи за да еден човек започне да се занимава со параглајдерство треба да исполнува неколку критериуми. Да има наполнето 16 години, да има дозвола од родител се до 18-тата година, за да може да започне со обука за параглајдинг, да е во добра психофизичка состојба и да има желба за летање.
Колку кај нас се интересираат луѓето за овој спорт, колку параглајдеристи имаме ?
Заинтересираноста е се поголема и поголема бидејќи спортот зазема се поголем размер во нашата држава и се поголема популарност. Во Македонија имаме околу 100 до 200 параглајдеристи, но сепак тој број се зголемува постепено.
Дали е скап спорт, што се е потребно како опрема да се поседува ?
Од опрема што треба да се поседува се оние основни работи како параглајдер, седиште, резервен падобран и кацига. Доколку би го споредиле со другите спортови воопшто не е скап, на пример со скијањето, мотоциклизмот и други.
Дали и другите тимови во Македонија постигнуваат вакви големи успеси ?
Во Македонија има неколку тимови, но мислам дека постојано се зборува за параглајдинг клуб Делта по медиумите и мојот клуб во кој јас членувам е еден од поуспешните во државава. Но има и други пилоти кои се натпреваруваат и во различни дисциплини и тоа е нешто добро со кое може да се пофали самиот спорт во Македонија дека станува се попопуларен и младите се повеќе се интересираат за него.
Кога ги гледаме ваквите големи успеси како на тебе, на твојот брат и останатите кои се занимаваат со параглајдерство во Македонија, дали е потребна поголема поддршка од државата, но и на бизнис секторот за параглајдерството во Македонија. За да можеме да учествуваме на едни натпревари како што и сам кажа во Кореја, Индонезија, за да може да го освоиме и првото место ?
За жал во Македонија има еден период каде младите немаат спортски идоли. Сите оние спортисти како Горан Пандев, Кире Лазаров и други заминаа во странство и таму успеаа и ги направија своиите кариери. Се бориме со таа состојба во нашата држава, имаме некаква минимална помош од државата, но сепак за одиме понатаму и да функционираме ни треба уште поголема помош. Бизнис секторот се уште нема уши за нас. Се бориме и со тоа барајќи спонзори и различни начини за да и ние му помогнеме на бизнис секторот со тоа што можеме да ги рекламираме фирмите на долгото крило од параглајдерот кое е околу 30м2. И тоа е на еден начин подвижна реклама за бизнис секторот и фирмите.
Дали на бизнис секторот повеќе им се интересни оние тимски спортови како фудбалот, ракометот, кошарката, а помалку индивидуалните спортови ?
Точно така, во Македонија може да се каже дека е популарен само ракометот, фудбалот и кошарката и бизнис секторот само таму издвојува пари.
Кои се твоите идни планови за 2019 година, но и за понатаму. Дали има шанси да се освои и она прво место ?
Шансите постојат секако, но во зависност од тоа дали ќе учествувам на тие натпревари кои ќе се одржат во Кореја, Индонезија и другиите подалечни земји. Се зависи од тие натпревари, ако не учествувам на тие натпревари не добивам ниту поени. Моите идни планови се да учествувам на сите оние натпревари кои се тука во околината. Светското првенство кое во септември ќе се одржии во Србија. Светскиот куп во Васер купе, националното првенство кое ќе се одржи во Крушево и сите останати натпревари од повисок ранг.
Освен во дисциплината „прецизно слетување“ леташ и во дисциплината „прелети“. За тие кои не се запознати, колку дисциплини има во параглајдерството ?
Во параглајдерството има неколку дисциплини. „Прецизно слетување“ каде што треба да слетаме во определена мета. Се слетува околу 6 пати и од сите тие 6 пати се собираат резултатите. Во дисциплината „прелети“ се задаваат различни задачи да се прелетаат определен број на километри, во просек по околу 80-тина километри за секоја зададена задача. На нашите GPS инструменти ги внесуваме тие точки кои треба да се поминат во воздух и победува оној кој што прв ќе ги помине тие точки. Третата дисциплина се акробациите. Тие најчесто се изработуваат над вода и се уште во Македонија се нема одржано таков натпревар за акробации. Но се надеваме дека во иднина ќе има поголем интерес од страна на македонските пилоти за таа дисциплина.
Организирањето на параглајдерски натпревари во Македонија станува доста популарно во последниве неколку години. Тука се одржуваат дури и државни првенства на Украина, Британија и многу, многу други држави кои доаѓаат да се натпреваруваат тука во Крушево. Колкави се перспективите за развој на овој спорт во Македонија и зошто странските параглајдеристи ја одбираат нашата земја за организирање на такви натпревари ?
Нашиот Пелагониски регион, особено Крушево, нуди огромни услови за развој на параглајдерството. Едноставно самата природа направила таков релјеф да оваа долина е заобиколена од планини и нема силни ветрови. Точно е дека се повеќе и повеќе туристи го посетуваат нашиот регион за параглајдерство и се надеваме дека тоа ќе продолжи во иднина. Морам да искажам голема благодарност до градоначалникот на Крушево кој ни помага околу полетувалиштата во Крушево и околу напредувањето на овој спорт.