Народното собрание на Република Турција и Парламентот на Чешката Република вчера го ратификуваа Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО.
„Големото Народно собрание на Турција го комплетираше процесот на ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Како и досега, Турција ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија во евро-атлантскиот процес“, напиша шефот на турската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, Осман Ашкин Бак.
Вицепремиерот на Чешка, Јан Хамачек, по ратификацијата изрази убедување дека членството на Северна Македонија во НАТО ќе ја зајакне стабилноста на Балканот и алијансата.
Досега 21 од 29 земји го ратификуваа протоколот за пристапување на Северна Македонија во алијансата.