Италијанскиот весник „ Ла Верита“, утрово објави нов запис во траење од 12 минути составен од серија разговори меѓу Јордан Камчев,осомничен во случајот империја на СЈО и Бојан Јовановски и Зоран Милевски кои се осомничени во случајот„Рекет“. Во една од снимките се појавува и гласот на шефот на СЈО Катица Јанева. Таа му вели на осомничениот Камчев – „не се секирај се ќе биде ОК“.
Јанева, која е на одмор во странство, експресно преку писмено соопштение поставено на сајтот на СЈО, ја потврди автентичноста на снимката и даде свое објаснување.
„Обвинител е секогаш обвинител, па и кога разговара со осомничени по телефон, а за ваква изјава во тој момент имаше оправдана причина“, тврди Јанева.
Во соопштението Јанева наведува дека е „фрапирана од фактот“ што нејзините постапки како специјален јавен обвинител се носат во корелација со случајот „Рекет“.
„Ги повикувам истражните органи што е можно побргу да ја завршат истрагата, да ги приберат сите докази и да ги завршат сите форензички вештачења поврзани со случајот „Рекет“, за целосно расчистување на овој случај и обелување на моето име“, напиша Јанева.