Американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрли како „смешни“ информациите дека предложил детонирање нуклеарни бомби во ураганите за да се ослабнат пред да се спуштат на американските брегови.
„Приказната на Аксиос дека претседателот Трамп сакал да разнесува големи урагани со нуклеарно оружје пред да стигнат до брегот е смешна“, твитна Трамп, зборувајќи за себеси во трето лице. „Никогаш не сум го кажал ова. Уште повеќе ЛАЖНИ ВЕСТИ!“, напиша Трамп.
Американската веб страна Аксиос во неделата објави дека Трамп им го дал научно сомнителниот предлог „повеќе пати на високи службеници за домашна и национална безбедност“ за време на првата година од неговото претседателствување, како и за време на брифинг за урагани, кога конкретно споменал употреба на нуклеарно оружје врз моќните трансатлантски бури.
Инаку Соединетите Држави редовно страдаат од урагани. Во 2017 година ураганот Харви беше најразорниот ураган кој во последните 12 години ја зафатил американската територија. Потоа американскиот источен брег го погодија низа катастрофални бури во кои загинаа илјадници луѓе и беше направена штета која се проценува на стотици милијарди долари.