Бразил ја одбри итната помош од Г7 за Амазонија – Макрон жестоко одговори

Facebook
Twitter
Email
Print

Бразил ја отфрли итната парична помош од 20 милиони долари, кои членките на Г7 самитот ја понудија за справување со пожарите во Амазонија.

 

Оникс Лоренцони, шеф на кабинетот на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, за информативниот портал „Г1“ изјави дека ветените милиони помош од седумте најголеми западни индустриски нации треба да бидат искористени за пошумување на шумите во Европа.

 

„Бразил се заблагодарува за понудената помош, но, можеби би било поважно со средствата повторно да се пошуми Европа“, изјави Лоренцони.

 

Државите од Г7 обезбедија 20 милиони долари (еквивалентно на 18 милиони евра) итна помош за Бразил,  со оглед на катастрофалните пожари во дождовните шуми на Амазонија.

 

„Со овие средства требаше да се финансираат првенствено авиони за гаснење пожари, но и да се поттикнат проекти за пошумување“, кажа францускиот претседател Емануел Макрон на Г7 самитот.

 

Со оглед на фактот што Макрон директно го обвини бразилскиот претседател Болсонаро за пожарите во Амазонија, Лоренцони го повика Макрон повеќе да се грижи дома и во француските колонии.

 

„Макрон дури не успеа да избегне предвидлив пожар во црква која е дел на светско културно наследство, а сака да дели лекции на нашата земја“, вели Лоренцони, алудирајќи на пожарот што се случи на 15. април во Нотр Дам во Париз.

 

„Бразил е демократска земја, слободна и никогаш немала колонијалистичко и империјалистичко однесување, како што е можно да е целта на Макрон“, додаде тој.

 

Тука се вмеша и претседателот на Бразил, кој на својот Твитер профил напиша дека државите од Г7 се мешаат во внатрешните политики на суверена земја.

 

„Не можеме да прифатиме претседателот Макрон да врши несоодветни напади врз Амазонија и да ги крие своите намери зад ‘Алијансата на државите на Г7 за спас на Амазонија’, како да сме колонија или ничија земја“, напиша Болсонеро.

 

На тоа жестоко одговори Макрон, кој истакна дека прашумите во Амазон се прашање кое е од интерес за целата планета.

 

„Ние го почитуваме вашиот суверенитет. Тоа е ваша земја. Но, прашумите на Амазонија се проблем кој се однесува на целата планета. Можеме да ви помогнеме во пошумувањето. Можеме да најдеме средства за вашиот економски развој кој е во склад со природната рамнотежа, но не можеме да ви дозволиме сè да уништите“, рече Макрон.

 

Разговори на оваа тема се предвидени во рамките на Генералното собрание на ООН во септември.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи