ВИДЕО – Прилеп центар на џудото во Македонија – По 11 пат се организира Меѓународниот турнир „Прилеп Град Херој-2019 ЦЕВИТАНА КУП“

Утре, недела 06.10.2019 по повод националниот празник 11-ти Октомври, во Прилеп, во спортска сала на СОУ Р.Р.Ричко Прилеп ќе се одржи 11-тиот по ред  Меѓународен Традиционален Турнир во Џудо „Прилеп Град Херој-2019 ЦЕВИТАНА КУП“, во комплетна организација на Џудо Клуб СЕИШИН-Прилеп, а во соработка со Џудо Федерацијата на  Македонија. На овој Турнир до овој момент пријавени за учество се околу 32 клубови од 5 држави (Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Црна Гора) со 318 натпреварувачи.

 

 

„Овој куп е досега најголем организиран турнир во Прилеп, имаме 300 гости од повеќе држави. Чест ми е да истакна дека денеска тука со нас се и неколку легенди од овој спорт, а тоа се Славко Обадов, Србија, носител на олимписки медал, потоа Павле Буљчик исто од Србија и Чихи Јанош, од Унгарија. Имаме претставници и од ветераните од овој спорт од Македонија и посебна благодарност до Дејан Мицкоски, без чија помош не би можело да се организира овој турнир. А исто така и голем поздрав до новиот претседател на Џудо федерација на Македонија, кој во еден текст имаше кажано дека со армија од џудисти ќе го пласира џудото надвор од Македонија“, истакна Дејан Ширкоски, претседател на ЏК „Сеишин“

 

„Од делот на натпреварувачи имаме пријавено 32 клубови, од кои 15 се од странство и тоа од Бугарија 3 клубови, Србија 5 клубови, Црна Гора 3 клубови и Грција 4 клубови или вкупен број на натпреварувачи 318 до овој момент кои се пријавени. Старосните категории за борби се помлади пионери и тоа родени 2007, 2008 и една категорија помлади. Пионери родени 2005 и 2006 година и кадети родени 2002, 2003 и 2004 година. Системот на натпревари ќе биде со дупли репасаж, стандарден систем кој го наследивме од IJF и работиме по него. Имаме 4 борилишта и мислам дека борбите ќе завршат фер и коректно“, изјави Дејан Џокоски, претседател на натпреварувачка комисија.

 

Во организација на турнирот и негова поддршка учествуваат и ветераните од овој спорт од Македонија кои истакнаа дека единствената цел за организација на еден ваков настан е популаризација на џудото кај младите и негов поголем развој.

 

„Прилеп е центар на џудото во Македонија зошто од тука има најмногу кандидати мајстори, кандидати тренери кои ги има низ целата држава и најдобрите резултати излегуваат од Прилеп. Иницијативата за да се сретнеме со нашите пријатели од поранешните ЈУ простори има само една цел, а тоа е популаризација на овој спорт кај младите и негов поголем развој како спорт“, рече Киро Здравески, претседател на иницијативен одбор на ветерани.

 

Како гости на овој турнир се и некогашните легенди Славко Обадов, од Србија, носител на олимписки медал, потоа Павле Буљчик исто од Србија и Чихи Јанош ветеран од Унгарија.

 

„На овој турнир се надевам дека ќе ги евоцираме убавите спомени кои ги имавме во минатото и дека ќе можеме да придонесеме за популаризација и подигнување на квалитетот на џудото. За 2 години ќе полнам 60 години работа во овој спорт имам обврска по 2 основи да бидам тука. Прво најмногу на светот го сакам овој спорт и секогаш сум подготвен да бидам таму каде има прекрасна организација и можност за развој на џудото. Втората причина е тоа што уште во 2006 година на европскиот конгресот во Нови Сад беше на некој начин одлучено одлучено Србија да биде „постар“ брат за Македонија, Црна Гора и БиХ и да им помогне во развојот на овој спорт. Ние тоа го прифативме, но за жал некои луѓе од Македонија тоа или го заборавија или сметаа дека од тоа нема потреба. Не беа во право, секогаш имаме што едни на други што да си кажеме. Сега сме иницирани од неколку луѓе, пред се од Киро Здравески и неколку други за да на некој начин помогнеме за џудото тука во некои домени“, потенцираше Славно Обадов, ветеран 9-ти дан од Србија.

 

„Мило ми е што сме тука, се сеќавам пред 40 годиини кога тука поминав 2 недели како подготовка за балканскиот шампионат што мене ми остана во длабоко сеќавање. Пред 3-4 години држев и еден семинар и бев воодушевен од тоа како младите тука му пристапуваат на овој спорт. Од тогаш има постојано напредок, ги следам состојбите и секако тоа бара постојана работа, како една генерација оди напред така неа треба да ја прати следната и тоа е долготраен процес кој треба да се воспостави“, потенцираше Чихи Јанош, ветеран од Унгарија.

 

„Се заблагодарувам пред се за повикот да бидам тука и ги поздравувам организаторите. Очекуван во текот на утрешниот ден да одлични борби помеѓу тие млади луѓе. Тука сум после долги години, како дел од поранешната југословенска репрезентација за балканскиот шампионат каде освоив сребрен медал, а пред тоа бев шампион на Југославија за млади пионери. Восхитен сум од тоа колку млади луѓе се натпреваруваат на овој турнир и ви посакувам многу среќа и успех“, додаде Павле Буљчик, ветеран од Србија.

 

Новиот претседател на Џудо федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски, истакна дека се работи за традиционален џудо турнир кој се организира по 11-ти пат и кој ја задржа традицијата како турнир кој високо котира во Македонија.

 

„Имаме рекорден број на натпреварувачи, добра организација, сите кои се вклучени во овој настан беспрекорно работат и се комплетно посветени на негова организација, за да се помине во најдобар ред. Посакувам да има фер и коректни борби и убаво џудо за очи и да уживаме во утрешните натпревари. Се надевам дека како нов претседател ќе помогнам не само за овој турнир туку и за сите турнири во Македонија да ги подигнеме неколку степени повисоко од аспект на квалитет, организација, масовност и број на натпреварувачи. Околу гостите немам што да коментирам нивните имиња се многу добро познати на цел Балкан и пошироко и чест ми е што денеска сум тука и седам на оваа маса, бидејќи во времето кога јас вежбав ни беа идоли и се стремевме да ги достигнеме нивните резултати и успеси. Им посакувам да уживаат во утрешните борби и да видат дека и РСМ има што да покаже и дека и тука џудото оди со големи чекори напред“, изјави Владимир Трпаноски, претседател на Џудо федерација на Македонија.

 

Натпреварите започнуваат од утре со почеток во 10 часот во спортската сала на СОУ „Ристе Ристски – Ричко“.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи