Драфт верзијата на оцената на Венецијанската комисија за Законот за јазици, која е подготвена на 27 септември изнесе голем број на забелешки околу примената на овој Закон, објави порталот Плусинфо.
Според Венецијанската комисија со Законот за јазици во голема мера се проширува употребата на албанскиот јазик во јавните тела, дури и повеќе од европските стандарди дефинирани особено во Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.
„Многу одредби од законот за јазици ги надминуваат европските стандарди дефинирани особено во Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици. Ова во принцип е за пофалба. Венецијанската комисија ја поздравува подготвеноста на властите на Северна Македонија за подобрување на јазичната состојба на немнозинските заедници“, се вели во драфт верзијата.
Сепак, според Венецијанската комисија во одредени области законот оди премногу далеку, наметнувајќи нереални правни обврски на јавните институции.
„Ова е особено случајот со одредбите со кои се предвидува употреба на албанскиот јазик во судските постапки кои се формулирани на толку широк начин што сигурно би барале повеќегодишна подготовка да биде целосно спроведена. Високо огромни и скапи обврски што законот ги наметнува особено на судските органи се придружени со тешки парични санкции во случај на непочитување (член 23). Под сегашни околности, доколку се применува целосно законот, тој значително ќе го забави функционирањето на целиот судски систем, со што ќе се доведе во опасност сериозно нарушување на правото на фер судење загарантирано со Европската конвенција за човекови права“, сметаат од комисијата.
Комисијата го повикува законодавецот да го ревидира и преиспита Законот за јазици, а со тоа да го земе во предвид и големиот број на забелешки и препораки, за што повеќе може да прочитате во следниот текст.
Официјалниот извештај за заклучоците на Венецијанската комисија за Законот за јазици ќе биде објавен на 17 октомври.