Десет лица го загубија животот во безредијата и демонстрациите во Чиле, кои настанаа поради високите трошоци на живот и нееднаквоста во општеството.
Петмина загинале откако била ограбена и запалена фабрика за облека во близина на главниот град Сантијаго. Официјални лица соопштија дека три лица загинале во пожар во ограбен супермаркет рано во неделата, а две лица биле застрелани за време на операцијата за приведување на ограбувачите.
Претседателот Пињера прогласи вонредна состојба како одговор на насилството, под чиј налет се запалени автобуси, метро станици, продавници и згради со канцеларии, а штетите се проценуваат на милиони долари. Војската и полицијата употребиле солзавец и водени топови против демонстрантите, а во поголемите градови бил воведен и полициски час. Вонредната состојба веќе прогласена во Сантјаго ќе се прошири и во градови во северниот и јужниот дел од државата.
На улиците на Сантијаго се наоѓаат 10.500 полицајци и војници. Досега се уапсени 1.462 луѓе, од кои 644 во главниот, а останатите во други чилеански градови.