Првенците на генерацијата 2015-2019 од петте средни училишта од општина Прилеп: Николче Мојсоски од СОУ „Ѓорче Петров“, Ана Ѓорѓиоска од СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, Христина Нунеска од СОУ „Кузман Јосифоски-Питу“, Хари Димески од СОУ „Орде Чопела“ и Петар Коцев Велкоски од СОУ „Ристе Ристески-Ричко“, ја посетија Општина Прилеп.
Честитајќи им го на првенците на генерацијата големото признание и предавајќи им ја паричната награда од по 6.000 денари, дипломите и статуетките, градоначалникот Илија Јованоски рече дека тие претставуваат гордост за нивните семејства, за училиштето во кое го завршиле своето средношколско образование, но истовремено тие се гордост и на општина Прилеп.
„Убаво е чувството да се биде во друштво на млади успешни луѓе, во друштво на нивните родители, браќа и сестри, нивните професори и директорите на училиштата. Општина Прилеп и јас како градоначалник, се гордееме со нивните постигнувања, со успехот кој го постигнале. Верувам дека со ист таков успех, можеби и уште поголем, ќе го завршат и високото образование и дека еден ден своето знаење ќе го стават во служба на нашата општина и, генерално, на нашата држава. Иако во моментов четворица од нив не се тука, се наоѓаат во градовите каде го продолжија своето школување, тука сте вие, нивните најблиски за да им ги пренесете моите честитки и желби за понатамошен успех и среќа во животот“, истакна градоначалникот Јованоски.
Христина Нунеска, првенец на генерацијата во СОУ „Кузман Јосифоски-Питу“, е единствената од сите првенци која своето образование го продолжи на Економскиот факултет во Прилеп.
„Пред да се запишам во Економското училиште, во 9-то одделение го учевме предметот „Иновации“, кој го предаваа професори од Економското училиште. Уште тогаш се пронајдов во тој предмет, во економијата и главно во претприемништвото. Се запишав на насоката „Банкарство и финансии“ и поминав преубави 4 години во СОУ „Кузман Јосифоски-Питу“. Учествував на повеќе натпревари на општинско, регионално и државно ниво каде освоив многу награди. Најдрага ми е наградата која ја освоив на Меѓународната олимпијада по финансиска математика и актуарство, каде го освоив второто место и сребрениот медал. Посебна чест и задоволство ми е што сребрениот медал воедно беше и прв медал за Економското училиште од таков вид. Се запишав на Економскиот факултет во Прилеп, на отсекот „Банкарство и финансии“ и се надевам дека после завршувањето на факултетот ќе магистрирам. Себеси се гледам на работно место во банка, не знам точно во кој оддел, можеби во кредитно одделение“, изјави Нунеска.
Останатите четворица првенци на генерацијата, Николче Мојсоски, Ана Ѓорѓиоска, Хари Димески и Петар Коцев Велкоски, своето образование го продолжија на Медицинскиот факултет, ФИНКИ, Природно-математичкиот факултет и на Машинскиот факултет.