Откриени 5 нови острови на Арктикот – се појавиле по топењето на глечерите

Facebook
Twitter
Email
Print

Руската морнарица соопштила дека неодамнешна експедиција открила пет нови острови во заливот Визе, во близина на Нова Земја, кои претходно не биле таму, и кои настанале поради топење на глечерите.

 

Нова Земја претставува голем планински архипелаг со два главни острови. Новите острови министерството ги забележало и претходно на сателитски снимки, но ова е првата експедиција која ги видела во живо.

 

“Истражувачите во текот на експедицијата во август и септември во картите нацртале острови кои уште не биле именувани и кои претходно биле сокриени под глечерите”, рекол лидерот на Северната флота, адмирал Александар Моисејев.

 

“Наидовме на нови острови поради топењето на мразот. Претходно на тоа место имаше глечери, односно сметавме дека станува збор за делови од главниот глечер. По топењето и промената на температурите се појавиле нови острови”, рекол Моисејев, кој ја водел експедицијата, пренесува “The Guardian”.

 

Според минатомесечниот извештај на Обединетите нации за глобалното затоплување, Арктикот во период од 2015-та до 2019-та година изгубил повеќе мраз отколку во било кој друг петгодишен период од почетокот на мерењето.

 

Русија во последните неколку години отворила низа воени и научни бази на Арктикот, а интересот за тој регион дополнително пораснал бидејќи глобалното затоплување предизвикало настанување на нови бродски рути и пристап до досега непристапните минерални суровини.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи