Над 70 загинати и 40 повредени во пожар во воз во Пакистан

Facebook
Twitter
Email
Print

Најмалку 73 лица загинаа и преку 40 се повредени во пожарот кој избувна во воз во Пакистан, откако експлодирала плинска боца.

 

До експлозијата дошло кога во вагон-ресторанот се приготвувал појадокот за патниците, кажа министерот задолжен за железничкиот сообраќај Рашид Ахмет.

 

Пожарот уништил три од четирите вагони недалеку од градот Рахим Јар Кан, на југот од покраината Пунџаб. Композицијата патувала од јужниот град Карачи кон Равалпинди близу главниот град Исламабад, а многу од патниците оделе на верска конференција.

 

Многу од жртвите настрадале додека скокале од возот во движење сакајќи да се спасат од огнот. Локалните власти соопштија оти стравуваат дека бројот на мртвите може да биде и поголем. Четириесетина луѓе се повредени, а многумина од нив имаат тешки изгореници.

 

Станува збор за една од најголемите железнички несреќи во Пакистан во последните речиси 15 години. Во јули најмалку 23 лица загинаа во несреќа, а во втора несреќа во септември четири лица. Околу 130 луѓе загинаа во 2005 година, кога воз налета на друга композиција во провинција Синд.

 

Пакистанската железничка мрежа од колонијалниот период последните децении пропаѓа поради хроничното недоволно вложување и лошото одржување. Во овој случај станува збор за возот „Tezgam“, еден од најстарите и најпопуларните железнички линии која ги поврзува гарнизонскиот град Равалпинди, близи главниот град Исламабад, и јужниот пристанишен град Карачи.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи