Албанското министерство за одбрана ги објави имињата на настраданите во разорниот земјотрес кој ја погоди Албанија пред три дена, а билансот на жртвите официјално е зголемен на 49.
Спасувачките екипи се концентрирани во потрага по настрадани под урнатините на еден хотел на крајбрежјето на приморскиот град Драч.
Министерката за здравство, Огерта Манастирлиу изјави дека повеќе од 2.000 луѓе се повредени во земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтерова скала кој во вторникот рано наутрo го потресе Драч и околината.
Утринава, премиерот Еди Рама на итната седница на Владата потенцираше дека хуманитарните акции треба да се менаџираат заедно со цел праведно делење на помошта и упати повик сите на кои им треба било каква помош да се обратат до Министерството за одбрана.
Жителите погодени од оваа трагедија почнаа да се сместуваат по хотели, додека дел од нив се уште остануваат во шатори.