Регистарот за вистински сопственици започнува со работа од наредната година

Facebook
Twitter
Email
Print

Централниот регистар најави дека на почетокот на февруари следната година ќе го стави во функција регистарот на вистински сопственици, којшто ќе покажува каде некој има сопственост, удел и колкав е тој удел, што претставува обврска од Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, а е дел и од директива на Европската унија.

 

Субјектите се должни да го потврдат идентитетот на вистинскиот сопственик врз основа на податоци и информации од сигурни и независни извори, во обем адекватен на извршената процена на ризикот, со тоа што ќе бидат уверени кој е вистинскиот сопственик.

 

„Субјектите, податоците за вистинскиот сопственик ги обезбедуваат од оригиналната или заверената документација од трговски, судски или друг јавен регистар, која не смее да биде постара од шест месеци. Субјектите, податоците за вистинскиот сопственик се должни да ги проверат од регистарот на вистински сопственици, при што, не смеат исклучиво да се потпрат на податоците внесени во регистарот“, се пропишува во Законот.

 

Рокот за тоа е три месеци од официјалното стартување на Регистарот. По тие три месеци тој што нема да ја пополни потврдата за вистински сопственик ќе биде казнуван со закон. Новоформираните компании, пак, оваа обврска ќе мора да ја завршат во рок од осум дена од основањето.

 

Според законските одредби секој потенцијален правен субјект е обврзан да пополни соодветен формулар во кој ќе наведе каде и во колку компании има сопственост, кои се тие, каде има удел, колкава е висината на уделот, каде има акции и каде е евентуално претседател на управен одбор. Секој удел на физичкото лице во кој било правен субјект, без оглед дали е два, пет, 50 или 100 проценти треба да биде внесен во Регистарот на вистински сопственици.

 

Регистарот на вистински сопственици требаше да се воспостави до 1 ноември годинава, но неговото воспоставување беше одложено поради сложените административни процедури кои беа причина за задоцнето потпишување на договорот со германската ГИС која го донира системот.

 

Информациите од регистарот на вистински сопственици ќе бидат јавно достапни.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи