Детскиот црковен хор кој пее во црквата „Света Петка“ во населбата Точила во Прилеп е единствениот детски црковен хор во Македонија кој што го негува исклучиво источното или византиско црковно пеење. Хорот работи веќе година и половина и неговата цел била децата да ги научат литургиските химни кои се пеат на литургијата и да учествуваат на празничните Богослужби.
„Учебниот процес на самата литургија е преку дружба и заедно со другарување со децата, значи не е некаков принцип да мора да се научи нешто и да се стигне, туку во тек на дружба со пеење и дружење, нормално и секоја проба имаме и по малку благо за закрепнување на силите. Тоа е начинот на кој работиме тука. Нашиот хор веќе ја има изучено половината литургија, сега останува уште другата половина. Нормално кога ќе ги научиме литургиските химни, ние ќе учиме и други што се дел од нашето македонско и православно наследство, но нормално и композиции кои не спаѓаат во жанрот на православната музика, туку композиции кои припаѓаат на европската музика, на класичната музика, итн“, истакна М-р Гоце Секулоски, диригент и раководител на хорот.
Од хорот ги повикуваат сите оние кои сакаат да бидат дел од овој хор можат тоа да го направат после Божикните празници кога ќе има нов упис на членови. Дел од овој хор можат да бидат деца на возраст од 6 до 16 години.
„Исто во план ни е и тоа веројатно ќе го почнеме во второто полугодие сега, да се изучат правилно нотите кои се користеле во православната црква, а тоа не е петтолинискиот систем, туку таканаречените невми, невматско писмо и за тоа ќе направиме посебна програма тука со која децата ќе можат повторно преку игра, преку дружба да ги совладаат тие некои основни знаења“, додаде Секулоски.
Децата кои се од хорот велат дека дружбата тука е прекрасна, но и чувството да се присутвувало на светите литургии кога се пеат литургискиите химни неможело да се опише со зборови.
„Од почетокот сум тука. Пеењето е еден вид разговор со Бога, можеби и затоа се одбра. Пред се во хорот ни е дружбата и љубовта, после пеењето и учењето. Секој кој ќе дојде во овој хор нема да зажали, сепак тоа е еден вид на разговор со Бога и тука сме сите поради оној кој не створил“, вели Мелани Атанасоска, член на хорот.
„Пред се ме интересираше што се случувало во минатото и музиката. На сите им препорачувам да одат по црковни пеења, бидејќи е баш интересно, забавно. Има многу убави приказни кои ни го раскажуваат целото минато“, кажа Тамара Китаноска, член на хорот.
„Учиме источно-црковно пеење, учиме за Бога. Со професор како што е нашиот не е ништо тешко да се научи, нови нешта, да се научи литургијата. Убаво е што посетуваме литургии, пееме на истите, посетуваме различни манастири низ целата наша држава, места кои не сме ги виделе имаме можност да ги посетиме и е доста интересно“, додаде Анастасија Ангелеска, член на хорот.
„Ние пееме црковно старословенски песни. Одиме на многу литургии, посетуваме многу манастири, одиме на екскурзии. Најпрво е дружбата. Не е тешко, само со работа, со труд и се ќе биде лесно“, вели Филип Ѓорѓиоски, член на хорот.
„Имам 10 години и учествувам тука можеби повеќе од една ипол година. Јас го одбрав црковното пеење затоа што таму можеш да научиш нешто подобро, да пееш“, рече Методиј Мисески, член на хорот.
„Интересно е за да учиш. Секоја сабота доаѓаме, се дружиме со децата“, истакна член на хорот“, Димитриј, најмалиот член на хорот.
Освен овој хор во црквата Света Петка има уште два други хора каде членуваат возрасни, односно од 16 години па нагоре. Едниот е хорот „Свето Благовештение“ кој функционира веќе 19 години, а другиот е хорот „Света Петка“.
„Хорот Света Петка, тие се помлади колеги и повеќето се со музичка академија. Со нив веќе соработуваме и хорот Света Петка веќе е познат не само во Македонија, туку и надвор. Минатата година имавме прилика да учествуваме на еден голем јубилеј во соседна Бугарија, каде што се одбележуваше 95 годишнина од богословскиот факултет и токму на таа 95 годишнина нашиот хор Света Петка настапуваше заедно со другите хорови, но и зеде учество на светата литургија која беше во присуство на неговата светост, бугарскиот патријарх Неофит“, вели диригентот Секулоски.
Во иднина се планира се издадат и цедиња со композии од овие хорови кои функционираат во рамки на црквата „Света Петка“.