Петгодишниот Даријан од Прилеп и оваа година од рано наутро се подготви за да биде од коледарската традиција. Го зеде своето торбе и стапчето и излезе надвор каде го чекаа неговите маалски другарчиња. Веднаш започна одењето од куќа на куќа.
Од домаќините беа дарувани со костенчиња, ореви, суво овошје, јаболка, бомбончиња и по некоја паричка.
„Секоја година шетаме, тропаме со стаповите по вратите и ја пееме песната „Коледица Варварица“. Потоа ни даваат поклони оревчиња, костени, портокали и парички“, рекоа дел од дечињата кои беа дел од коледарската традиција.
Родителите на децата, а особено нивните баби и дедовци се горди што има некој што после нив ќе ја продолжи вековната традиција.
„Секоја година ни доаѓаат дечиња на Коледе. Ние претходно се подготвуваме за тоа. Ни пејат на врата, ние излегуваме и им даваме тоа што имаме, најчесто ореви, костени, овошје“, кажа Снежана Тодороска, жител на Прилеп.
„Децата се шетаат, имаме полно машки во малото, а помалку девојчиња. Иако се мали ја одржуваат традицијата“, додаде Лиле Ацеска, жител на Прилеп.
Прилепските домаќинки пак од здружението „Преродба“ по 14-ти пат ја подготвија традиционалната посна Бадникова трпеза, а секако тука се и големиот број обичаи поврзани со Бадник во Прилеп.
„После вечерата останува се на масата како што се вечерало и се верува дека Господ слегува да вечера и затоа трпезата сакаме да остане поставена“, истакна Лилјана Ѓорѓиоска, претседателка на здружение „Преродба“.
„Домаќините се радуваат, па ако се роди и женско дете велат дека ќе биди бериќетна годината, стоката да се јагни женски јагниња“, истакна Писана Ангелеска, член на здружение „Преродба“.
По повод Бадник денеска во Прилеп по 6-ти пат се одржа и веќе традиционалната Бадниковата поворка. Дечињата ја носеа макетата на пештерата во која се родил Исус Христос и пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ се прошетаа низ прилепските улици.
„Убаво е да се биде дел од еден ваков настан, многу сме среќни. Сега од црквата заминуваме со пештерата низ чаршијата и ќе ја пееме песната Вечниот Бог“, рекоа дел од дечињата кои беа дел од годинешната Бадникова поворка.
„Го возобновуваме нашиот стар традиционален обичај, на вистински начин како треба да се слави Бадник односно Божик“, изјави отец Веле Спиркоски, свештеник.
Вечер семејството се собира на традицонална Бадникова трпеза, а утре рано наутро се оди во црква за Рождеството Христово – Божик.