Очекуваме ефикасно судство, транспарентно судство, делење на еднаква правда, очекуваме предметите да не застаруваат, очекуваме предметите да не се враќаат од почеток и очекуваме предметите да не се чуваат во фиоки. Ова денеска во Прилеп го истакна лидерот на СДСМ, по маршот кој го направи неговата партиија од Собранието на РМ до Судот.
„Тоа е тоа што очекуваме, ние не можеме да судиме, ние не можеме да правиме некаков вид на влијание врз судството, но можеме да посочиме, да покажеме прст каде се слабостите и тоа го покажуваме. За жал, од мал број на непрофесионалци, или корумпирани судии, патат огромен број на професионалци и чесни судии, тоа се однесува и за обвинителите. Ја испраќаме пораката дека ќе бидеме гласни сите, без разлика дали сме власт или опозиција, заради тоа што секој мора да ја завршува својата обврска“, рече Заев.
Според него горчината кај народ што се јавувала била само уште една потврда дека граѓаните сакале правда.
„Ефикасна и транспарентна правда е многу важно за сите, заради тоа што сите очекуваат да се добие пораката да не се повтори никогаш повеќе, односно казнувањето е токму тоа, друг да не прави кривични дела или да ги крши законите. Уште еднаш само ќе потврдам, можеше веројатно да има побрза правда, можеше побрзо да се носеа пресуди, можеше многу луѓе да бидат во затвор, некои викаат каде се тие што треба да бидат во затвор, ако Заев креваше телефон и даваше наредби на судиите и обвинителите. Но јас се борев со нашиот народ против тоа, ниту сакам, ниту треба, ниту некој во иднина треба да си дозволи таква работа, но тоа не значи дека судиите треба да прават се што сакаат и се што можат, а вклучително тоа да застаруваат предметите, или да ги враќаат од почеток, или воопшто да не ги отвораат самите предмети. Одговорноста е голема“, кажа Заев.