Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска призна дека како партија се рекламирале на 1ТВ од Боки, но и на голем број други медиуми во Македонија. Ова признание доаѓа откако денеска пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, ги предаде во обвинителството диктафонот и транскриптот за кои се претпоставува дека го поврзуваат екс премиерот со случајот „Меѓународен сојуз“ и финансирањето на 1ТВ.
„Разговарајќи секаде, нормално настапуваме многу отворено и кога зборуваме за маркетингшка поддршка најчесто СДСМ тоа го прави преку закуп на сите медиуми и ние тоа транспарентно го објавуваме, може да го видите во ревизорските извештаи на нашата политичка партија. Знаете дека и пред неколку месеци имавме сериозен закуп на медиумски простор по национални, регионални и локални медиуми и продолжуваме понатаму. Државата ни дава нас сериозни пари, на политичките партии, тие се од граѓаните и еден дел од тие пари навистина се за маркетинг на нашите политички субјекти, еден дел одат за сериозни аналитички центри за подигање на нашите демократски капацитети, но еден дел навистина претставуваат промоција на нашите политики и успеси и гледате дека зборувам отворено.
Дури во едно време кога немало никакви докази, ниту сум имал некакви индиции, ниту пак некој претставил нешто пред мене. Во такво едно време, пред повеќе од 6 месеци пред да се појави случајот „Рекет“ или мене да ми биде презентиран, како совесен одговорен претседател на Влада сум почувствувал одредено сомнително финансирање, па затоа сум прашувал од каде, а таму вика од фраерот од Хрватска, или од некои други извори и слично, заради тоа што државата мора да води грижа за своите реперкусии за било кој аспект, што може да настанат како штетна последица врз целокупното наше општество. Така да мислам дека многу е јасно дека во државата и тоа како не е исто, работите се променија и тоа како мора да биде силна порака, ако може Заев да внимава, ако можат носителите на јавни функции да внимаваат, тогаш ќе внимаваат судиите, ќе внимаваат обвинителите, ќе внимаваат деловните луѓе, граѓаните, сите, заради тоа што европска држава ќе бидеме ако владее правото, ја почитуваме правната држава и законот важи еднакво за сите“, рече Заев.